На новинарот Томислав Кежаровски нема да му се суди за случајот „Ликвидација“, поради застарување на кривичното дело за кое се гонеше, односно за откривање на идентитет на заштитен сведок.
На денешното судско рочиште, обвинителката Марија Ѓорѓева го прецизираше обвинителниот акт, при што соопшти дека поголемиот дел од кривичната дела за кои се гонеа обвинетите се застарени.
Освен за Кежаровски, судењето запира и за поранешниот истражен судија Валентина Зафиров и тоа за две кривични дела, како и за адвокатот Сашко Лазаров и за Јане Павловски Тица.
Едно кривично дело е застарено и за поранешниот обвинител Ивица Ефремов, но ќе продолжи да му се суди за „злоупотреба на службената положба и овластување“ и „неовластено држење на оружје“.
Ќе му се суди и на екс судијата Иле Танев за „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Судијата Осман Шабани истакна дека судот ќе донесе решение.
Обвинителката Ѓорѓиева во своето образложение напомена дека кривичното дело за кое се гонеа Кежаровси и Зафиров, член 42 од Законот за заштита на сведоци престанал да важи со измени и дополнување на Кривичниот Законик, кога се додал членот 369 а, за откривање на идентитет на загрозен и заштитен сведок.
Затоа обвинителката најпрвин направи преквалификација и рече дека ги гони според новиот член, а за кој е предвидена затворска казна од 1 до 5 години. Ова значи дека делото застарело неодамна, односно за 10 години. Инаку, доколку се уште важеше стариот член, делото немаше да застари, бидејќи најмалата предвидена казна беше најмалку пет години.
Кежаровски во 2013 година беше осуден за откривање на идентитетот на заштитениот сведок во случајот „Ореше“ во текст во списанието „Репортер 92“, со што според судот му го загрозил животот. Кежаровски помина пет месеци во притвор, во истражниот затвор „Скопје“, а потоа беше во домашен притвор. Според Кривичниот суд,тој беше осуден на 4 години и шест месеци, а Апелација му ја намали казната на две години.
Во овој случај осудени на правосилни казни беа и обвинетите:
Иле Танев, единствена казна затвор во траење од 1 година и 6 месеци.
Валентин Зафиров, казна затвор од 2 години и 6 месеци.
Ивица Ефремов, единствена казна затвор од 3 години.
Борис Николовски, условна казна од 1 година затвор, која нема да се изврши доколку тој во следните 3 години не стори ново кривично дело. (Судијата Николовски почина во 2017 година, поради што за него постапката се запира).
Сашо Лазаревски, условна казна од 1 година затвор која нема да се изврши доколку тој во следните 3 години не стори ново кривично дело.
Валентина Вурмо