Физичка пресметка меѓу сопартијците на ДУИ во Струга е најновиот инцидент во албанската владејачка партија, откако неодамна дојде до конфликт меѓу партиските активисти во Сарај, во кој не заиграа само тупаниците, туку и огненото оружје, а незадоволство и борба меѓу различните крила има и во други ограноци, меѓу кои и тетовскиот.
Најново, припадниците на таборите на пратеникот и поранешен градоначалник на Струга, Рамиз Мерко, и заменик-министерот за одбрана и експратеник, Арбен Лабуништа, се степале при изборот за нов претседател на струшкиот огранок, при што најдебелиот крај го извлекол заменик-директорот на Управата за јавни приходи Аргетим Асани.
Мерко бешe струшки градоначалник во два мандати и долгогодишен претседател на струшките „интегративци“, кого партијата се обидуваше статутарно да го тргне од партиската функција (неспоивост на градоначалничката со партиската функција), но тешко успеваше поради тоа што го контролираше теренот. Тој до краен момент се надеваше дека ќе биде партискиот избор за уште еден градоначалнички мандат, па во изјава за Фокус уверуваше дека тоа му го ветил и партискиот лидер Али Ахмети.
Сепак, но на крајот изборот падна на Лабуништа, а Мерко му беше шеф на изборниот штаб. Лабуништа, пак, кој кога се вклучи во градоначалничката трка, од морални причини даде оставка од пратеничката функција, во интервју за Фокус изразуваше убеденост дека ќе победи. Но, на крајот Струга беше една од ретките општини каде албанската владејачка партија всушност претрпе пораз, по што почнаа меѓусебните обвинувања кој е најголем виновник за неуспехот.
Мерко прво беше недостапен за коментар во врска со информациите за инцидентот, а потоа не се јавуваше на мобилниот телефон, додека Лабуништа не одговараше ниту на телефонските повици ниту на пораките. И партискиот портпарол Бујар Османи остана без коментар.
Неодамна дојде и до огнена престрелка меѓу активисти на ДУИ во општината Сарај. Од една страна, била групата на пратеникот и еден од најстарите и најблиски соработници на Ахмети, Рафиз Алити, а од друга страна приврзаници на поранешниот градоначалник на Сарај и довчерашен министер за правда, Блерим Беџети, кој во оваа партија премина од ПДП.
Пред партискиот конгрес пред 6 месеци, на кој се избра ново партиско раководство, Беџети, кој моментално е без функција, ни изјави дека внатрепартиското ривалство во рамки на огранокот во Сарај, како и во Скопје на релација Сарај-Чаир, не постои и оти „партијата води единствени политики“.
Што се однесува до Чаир, таму целосна контрола имаат градоначалникот Изет Меџити и претседателот на огранокот Бекир Асани. Тие од другата страна ги имаат портпаролот и екс министер за здравство Османи, пратеникот и шеф на кабинет на Ахмети, Артан Груби, па донекаде и пратеничката Ермира Мехмети, која моментално е на дошколување во странство.
Кога неодамна Асани беше реизбран за прв човек на чаирскиот огранок, Груби не ги доби потребните гласови да стане член, а другите двајца воопшто не учествуваа во трката.
Пред заминување, Мехмети, пак, јавно забележа дека нејзината партија не номинирала ниту една жена за министерска функција, а прва отворено преку социјалната мрежа фејсбук се спротивстави на актуелниот предлог за нов државен грб.
Жестока битка се водеше и во тетовскиот огранок, кога за претседател на оваа партиска филијала скоро беше избран анонимниот за пошироката јавност, Реси Абдурахими, кој важи близок до екс тетовскиот градоначалник Хазби Лика.
Лика со неколку свои потези изрази незадоволство поради тоа што по последните парламентарни избори не влезе во извршната власт како министер за животна средина, функција која му припадна на Нурхан Изаири, кадар близок до партискиот генерален секретар Абдулаќим Адеми. Сепак, негов човек го доби тетовскиот огранок, по што Арифи порача дека не сакала непринципиелно да ја води битката, како на пример со купување на поддршката со ветување за варботување.
Инаку, пред половина година ДУИ одржа редовен изборен конгрес, на кој Ахмети повторно ја доби довербата да биде лидер на партијата, генерален секретар остана Адеми, а за потпретседатели беа избрани Арифи, Меџити, како и гостиварскиот градоначалник и прв човек на партискиот огранок во Гостивар Невзат Бејта. Тие и дотогаш беа на овие позиции, а единствен новоизбран потпретседател беше Садула Дураку, градоначалник на Липково. Бејта и Дураку немаат посериозни проблеми во своите ограноци, иако и таму постојат одредени струења.
На последниот конгрес „интегративците“ најавуваа дека најдоцна за три месеци ќе оддржат нов тематски конгрес, на кој ќе се дефинираат генералните политики, но до ден денес тој се уште не е одржан. Не добивме одговор од партијата кога ќе одржи и дали терминот можеби зависи од внатрепартиските избори, кои одат се потешко во услови на изострено внатрепартиско ривалство?