Силен земјотрес со јачина од 6,4 степени по скалата на Рихтер утрово (03.54 часот) ја погоди Албанија, но потресот сериозно се почувствува и во Македонија и во сите останати држави во регионот на Западен Балкан и пошироко. Според наводите на светските сеизмолошки станици, епицентарот бил југоисточно од Драч на длабочина од 20 км.
По првиот удар се забележани уште два со јачина од 5,3 степени и 5,1 степен по рихтеровата скала и десетина послаби. Засега нема податоци за жртви, но затоа има информации за голема материјална штета и повредени лица од кои добар дел завршија во болниците во Тирана.
Локалните медиуми јавуваат дека во Драч паднала петокатница, а од урнатините е спасено едно дете. На улица излегоа и жителите на Тирана од кои дел, како што објавија албанските медиуми, со бебиња во раце.
Најголема штета, според владините портпароли, е регистрирана на објекти во Драч. Ова е најсилен земјотрес во Албанија во последните 30 години, втор во само три месеца по оној во септември кој беше со јачина од 5,6 степени по Рихтеровата скала и предизвика оштетувања на 500 куќи.
Земјотресот, покрај во Албанија и Македонија, го почувствуваа и граѓаните на Србија, на Црна Гора, на Косово, на БиХ, на Хрватска, на Бугарија и на Италија.