Секој изминат ден го покажува недемократскиот карактер на оваа власт. Скапо платената владина пропагандна машинерија не може да ги сокрие сите лаги на Заев. Ветуваа живот и слобода, а донесоа цензура, закани и условни затворски казни за медиумите. ВМРО-ДПМНЕ ги осудува заканите и цензурата врз новинарите и медиумите, велат од партијата.
„Со доаѓање на СДСМ на власт видовме условна затворска казна за искажан став и напишан текст, не заради тоа што не бил точен, туку биле откриени лични податоци. Нормално, на оние кои донеле ваква срамна политичка пресуда влакно не им фали. Одговорност нема. Со доаѓањето на СДСМ на власт видовме функционери во министерства, платени со пари од граѓаните како навредуваат медиуми. Нормално, на оние кои навредуваат, а се платени од буџетски пари, влакно не им фали. Одговорност нема“, стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Со доаѓање на СДСМ на власт, велат од опозициската партија, гледаме класична цензура на емисии.
„Со доаѓање на СДСМ на власт гледаме како нивните мегафони промовираат насилници кои се закануваат и навредуваат новинари. Нормално, на насилниците влакно не им фали. Вината е во пајакот. Одговорност нема. Нормално, на цензорите влакно не им фали. Одговорност нема. Медиумската слобода е загушена, а новинарите се секојдневно под закани и притисоци“.
ВМРО-ДПМНЕ апелира да престанат сите форми на притисок и закани врз медиумите и новинарите.
„Република Македонија има потреба од слободни медиуми и новинари, кои без страв ќе работат. Слободното новинарство е обврска за секоја власт и право на граѓаните. СДСМ мора да знае дека без слободни медиуми, без новинарска слобода нема демократско општество“, порачуваат од таму.