Азилантската приказна на семејството Парлапанов: Останавме без парче леб, како да ги прехранам гладните усти на моите деца

by Fokus

Лошите услови за живот, беспарицата, но и фактот што не може да најде работа во околината, го принудиле 50-годишниот Јусуф Парлапанов од неготинско Црвени Брегови, заедно со сопругата Дрита и со трите малолетни деца да ги спакува куферите и да побара азил во Германија.

Патешествието по подобар и достоинствен живот на ова семејство, сепак немало крај каков што посакувале. По неполни три месеци во прифатилиштата за азиланти во Германија, тие биле принудени да се вратат назад, а тамошните служби им кажале дека причината за тоа е што Македонија е супер земја, изобилува со органска храна, нема војна и може убаво да се живее. Беспарицата не принуди да заминеме.

 -Јас ја сакам мојата земја, и секако би бил најсреќен доколку можам овде да работам, да имам доволно приходи за да му овозможам достоинствен живот на моето семејство, да имаме солиден кров над главата, да ги изучам децата, да не се будам секое утро со мислата како и дали ќе заработам за да имаме доволно за храна. Но, Црвени Брегови, иако во центарот на Македонија, сепак е место отсечено од светот. Ниту има работа за мештаните, ниту пак има некаква најава дека било што ќе се отвори, некаква инвестиција, фабрика… Со сопругата не пребираме работа. Каде и да не повикаат, веднаш одиме. Имаме три усти за хранење, не се срамиме од чесна работа како аргати, или било каква работа во куќа, двор, на поле… Но, тоа не е нешто од кое што може да се живее и да се има финансиска сигурност. Денес ќе не викнат, а потоа можеби ќе поминат недели додека некој повторно не се јави и не побара помош од нас. Токму затоа, со тешко срце решивме да си ја побараме среќата на друго место, подалеку од родното огниште – ја започна својата приказна Јусуф, кој е познат во околината како вреден и чесен работник.

Но, и покрај тоа што сопствениците на земјишта добро го познаваат и почитуваат, сепак работа за него и сопругата има најчесто на лето и во есен. Во зима, биле принудени да се снаоѓаат како знаат и умеат и да преживеат со социјалната помош од околу 3.500 денари.

-Со мали деца е тешко да се спакуваш и да заминеш и на летување, а не пак на печалба. Но, ги собравме куферите и со автобус се упативме кон Германија лани, кон крајот на декември. Стигнавме во Бремен, јас знам англиски јазик, помалку и германски и ги следевме упатствата. Првин не сместија во прифатен центар во Бремен. Имаше голем број на азиланти, најчесто од Грузија, Албанија, Сирија, Авганистан… Ни дадоа семејна соба, имавме кујна, купатило. Имаше обезбедени оброци за сите, а неделно нашето семејство добиваше по 115 евра. Децата започнаа да одат на училиште, а најмалото кое има шест години во градинка. Бевме прифатени многу добро. Набргу ни беше соопштено дека треба да бидеме префрлени во друг прифатен центар, во Билеферд. Повторно пакување на куферите, патување во неизвесност, стресни ситуации… По кратко време, нов прифатен центар, овојпат во Оерлингхаусен. Веќе започнав да губам надеж дека ќе се средиме и ќе добијам работа. На азилантите од Сирија и други земји веднаш им се наоѓаше работа и сместување, под образложение дека во нивната земја има војна. За нас сепак, надлежните служби имаа друг план – раскажува Парлапанов.

Германците сметаат дека во Македонија убаво се живее. Вели дека кога бил повикан на интервју, сфатил дека целото патешествие му било напразно. Според тамошните власти, тој не доаѓал од земја во која се води војна, па затоа морал да се врати назад со семејството.

-Македонија е супер земја, ми викаат, зошто си дошол овде, во Германија? Да, им одговорив, знам дека земјата ни е убава, ама немаме средства за живот, нема работа. Дури и да најдам работа како обичен физички работник, може ли да се живее убаво со 200 евра? А тие ми одговараат – Па вие имате здрава органска храна, убава природа, немате војни, супер ви е. Што можев да сторам? Не чекав да ме депортираат, туку сам им кажав дека штом нема работа за нас, доброволно ќе се вратиме назад. Со првиот авион, разочарани, без надеж дека нештата ќе бидат подобри за нашето семејство, по неполни два и пол месеци во Германија, се вративме назад – вели Јусуф, кој пред една недела пристигнал дома.

По враќањето од Германија останале и без социјална помош. За да бидат нештата уште полоши, дознал дека му е укината и социјалната помош, бидејќи не се пријавил два месеци.

-Во рок од шест месеци немаме право да ја добиваме помошта од 3.500 денари. Ги прашувам вработените во социјалното како ќе ги гледам децата, како ќе им купам храна, а тие само ги креваат рамениците. Денес со сопругата работевме како аргати, извадивме доволно за храна во наредните неколку дена, но што ако нема работа подолг период? Како ќе излеземе на крај? – очајно прашува разочараниот човек.

Тој додава дека живеат во еден дел од мала трошна куќа без струја, без купатило, со нефункционален и дотраен мебел, додека во другиот дел живеело друго семејство. Неговата сопруга перела и готвела надвор, во дворот. Условите им биле тешки, но не се предавал за љубов на децата. Вели дека било каква помош е добредојдена, но најсреќен би бил кога самиот би добил можност да работи и да му овозможи на семејството нормален живот.

-Доколу некој има стар мебел за фрлање, без никаква навреда ќе го прифатам. Од оваа кожа во друга не се може, таква ни е состојбата – вели Јусуф.

Со обезбеден превоз од Дрекслермајер ќе се реши проблемот на 40 семејства. Според него, како единствена светла точка во моментот е фабриката Дрекслермајер во Кавадарци, каде редовно се примааат нови работници, па им предлага на надлежните да органзираат превоз и до Црвени Брегови, од каде најмалку четириесеттина жители би прифатиле да работат.

-Жителите на Црвени Брегови се скромни луѓе и досега никој јавно не се решил нешто да побара, да апелира за да ни се подобри живеачката. Еве јас, јавно апелирам до одговорните во германската фабрика Дрекслермајер, која се наоѓа на околу дваесеттина километри од Црвени Брегови, да ни пуштат автобус или комбе, без проблем ние околу 40 лица од овде ќе прифатиме да работиме во фабриката. Вака, без превоз, не е изводливо. Не е важно дали се работи за минимална плата, барем ќе имаме некаква сигурност и ние, и нашите деца. Јас лично, не одбирам работа, се би се нафатил да работам, ако знам дека на крајот на денот ќе однесам дома храна. Во минатото имам работено и како готвач во Германија, но не се плашам и од било каква физичка работа. И моите соселани од кои повеќето се во многу лоша финансиска состојба, со радост ќе прифатат да работат во фабриката. Ги замолувам преку ,,Фокус’’ одговорните во фабриката, од која се прехрануваат неколку илјади семејства, да дојдат и во Црвени Брегови, да поразговараме. Ќе добијат вредни работници без проблем. Ние сме скромни луѓе, и јас доколку имав редовни примања, секако дека немаше да го носам семејството во Германија. Мислам дека заслужуваме шанса, ако не поради нас, барем поради нашите деца, кои детството го минуваат како сведоци на нашите маки – порача Парлапанов.

Вики Клинчарова

Поврзани новости