Полицијата ќе поднесе уште кривична пријава за закани кон пратениците кои гласаа во петокот за пристапување кон измена на Уставот. Како што информираа денеска од МВР СВР Скопје во соработка со Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика Основно јавно обвинителство Скопје ќе поднесе кривична пријава против А.Н. (38) од Коњари, скопско.
38-годишниот А.Н. се сомничи дека со споделена објава-коментар на социјалната мрежа Фејсбук предизвикал загрозување на сигурноста на пратеници во Собранието на Република Македонија и поради ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем. Кривичните дела кои му се ставаат на товар со пријавата се „загрозување на сигурност“ и „ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем“.
„По издадена наредба од Основен Суд Скопје 1 Скопје, на 21.10.2018 година извршен е претрес на дом и други простории кај лицето А.Н. при што се пронајдени и одземени предмети во интерес на истрагата, а А.Н. е повикан на службен разговор во полициска станица. Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика и понатаму ќе продолжи со активностите со цел санкционирање на ваквите случаи. Ги повикуваме сите граѓани кои се изложени на вакви закани или сведочат вакви закани, истите да ги пријават во најблиската полициска станица или на адресата cybercrime@moi.gov.mk
Министерството за внатрешни работи нема да толерира закани по живот на граѓани и повици за насилство и ќе ги презема сите потребни мерки за зачувување на јавниот ред и мир“, велат од полицијата.