Три месеци откако го разреши Зврлевски, Собранието ќе гласа за негов наследник

by fokus

Во Собранието на Република Македонија денеска Љубомир Јовески треба да биде именуван за нов државен јавен обвинител, откако Марко Зврлевски беше разрешен на 17 август годинава.

Владата на 7 ноември му предложи на Собранието за јавен обвинител на Република Македонија да биде именуван Љубомир Јовески, член на Советот на јавни обвинители, кој беше предложен од Владата.

Шеесет и тригодишниот Јовески во своето досегашно работење постапувал во кривичната област. Повеќе од 15 години работел како судија по кривични предмети, а во еден мандат раководел со Основниот суд Скопје 2, а има и работно искуство од над 12 години како јавен обвинител и седум години во облата на извршување на кривичните санкции. Во 2003 година е избран за заменик јавен обвинител, а од 2015 година е член на Советот на јавните обвинители на РМ.

За именување на јавен обвинител Собранието на РМ одлучува со просто мнозинство од 61 глас. Јавниот обвинител има мандат од шест години со право на повторно именување.

На дневен ред на денешната седница се измените на Законот за заштита на сведоци, што ги бараше Специјалното јавно обвинителство, со кои на ова обвинителство треба да му се овозможи да одлучува кој ќе биде заштитен сведок во постапките што се под негова надлежност.

жНа седницата ќе се расправа и за измените на Законот за Судскиот совет, за престанок на важењето на Законот за Советот за утврдување факти и поведување постапка за утврдување одговорност за судија, за измените на Законот за пензиското и инвалидското осигурување, за здравственото осигурување, за Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување и за измените на Законот за акцизите, сите по скратена постапка.

Поврзани новости