Во период од седум години бројот на вработени во јавниот сектор се зголемил за 17,2 отсто, речиси исто толку пораснала вкупната вработеност во економијата за истиот период, односно 17,6 отсто, покажуваат податоците на Интитутот за економски анализи „Фајненс тинк“.
Во својата анализа „Фајненс тинк“ доаѓа до уште еден поразителен резултат, и покрај зголемувањето на јавниот сектор, продуктивноста значително опаѓа. Анализата бележи фрапантен пад на продуктивноста од 13 отсто меѓу 2011 и 2018 година.
„Јавната администрација не се зголемуваше повеќе од растот на вкупната економија, но вредноста што ја создаваше беше се помала и помала. Резултатот не е администрација која е преобемна, туку администрација која произведува резултати/вредност кои не се доволно квалитетни. Причините може да бидат повеќекратни, но клучната причина останува вработувањето и напредувањето без почитување на принципот на квалификации, компетенции и заслуги“, велат од „Фајненс тинк“.
Институтот предлага неколку мерки за подобрување на состојбата како воведување на сеопфатен систем на евалуација, воведување повеќе скалила во службата, отежнување на унапредувањето, олеснување на деградацијата.