Новиот директор на битолскиот центар за култура сака да им наплати на млади активисти за користење на салата каде што со години наназад се организираат проекциите на независната културна иницијатива „Дебатното кино Контра Кадар“. Од таму со отворено писмо до министерот за култура, Роберт Алаѓозовски, кој бил и гостин на нивните проекции, бараат да им се дозволи салата да ја користат бесплатно како до сега.
Писмото го објавуваме во интегрална форма.
„До Министерство за култура, поконкретно до министерот, Роберт Алаѓозовски. Функционираме веќе четири и пол години, во април 2018 ќе бидат пет. Со бројки: 5. Всушност, знаете и самиот, затоа што и лично сте ни гостувале на една од тие проекции.
Зошто Вам Ви се обраќаме? Затоа што така бевме советувани од директорот на Центарот за култура, Зоран Димовски, кога побаравме слободни термини за месец ноември, 2017 година. Ние сме веројатно малку хиперактивни, па не сакавме да се шетаме по дигитални и физички фиоки, низ бирократските лавиринти. Повеќе ни се допаѓа оваа форма на комуникација, а и не сме некои љубители на формалности. Не знаеме ни во чија надлежност е Центарот за култура, но, ќе му веруваме на почитуваниот директор.
На нашето барање за, се разбира, БЕСПЛАТНО користење на малата сала од ЦК, директорот љубезно ни одговори со ценовник за изнајмување на салата, односно:
– 5000 денари по проекција по редовна цена или
– 3000 денари по проекција – со попуст, како за нас.
Цената била проекција на трошоците за греење и одржување/амортизација на опремата коишто требало да ги оправда пред институцијата – Министерство за култура.
За да биде појасно, грејната сезоната е од 15 октомври до 15 април. Во јануари, ние никогаш не ја користиме салата. Всушност и кога сме ја користеле во зимскиот период, често немало греење. Во септември, не ја користиме поради Манаки. Значи, салата ја користиме десет месеци, а тоа се околу 2000 евра годишно.
Во ред, можеби просторот не е енергетски ефикасен, можеби опремата е застарена или сè на сè можеби трошоците се реални. Ако е тоа така и ако ЦК е стигнат дотаму, па зависи од тие 2000 евра годишно, тоа значи дека ЦК е во ужасна состојба, на многу нивоа. Сигурни сме дека и Вие како и директорот, знаете дека со привилегиите и ингеренциите, следуваат и одговорности. Тогаш, чија е одговорноста за ваквата состојба на Центарот за култура (тоа се осознава преку соодветни анализи = ревизија на досегашната работа) и зошто Контра Кадар би требало да ја плаќа цената за евентуалното неодговорно работење? За напомена, ние, немаме ни најмала намера, да плаќаме за користење на салата. И секако, ова сме подготвени да го демонстрираме на различни начини.
Зошто не сакаме да ја плаќаме салата?
Од две причини:
- Затоа што Контра Кадар е општествено корисна, некомерцијална иницијатива
- Затоа што Контра Кадар е општествено корисна, некомерцијална иницијативa
Го потенцираме два пати, затоа што со директорот, очигледно ни се разединуваат поимањата на термините општествена корист и социјална одговорност.
Веројатно нема потреба да елаборираме, зошто сметаме дека Контра Кадар е општествено корисна иницијатива. Само проверете го профилот (ако бидете доволно упорен да скролате до 2013 кога се појавивме), па ќе се запознаете подетално со нашата (волонтерска) работа. Впрочем, Вашето име не го спомнуваме за да „фаќаме врски“. Напротив, ние имаме доволно самопочит и самодоверба, за да знаеме која вредност ја има Контра Кадар во нашата заедница и за да знаеме како да се избориме за таа иницијатива, која пред да е општествена корист е и наша потреба. Наш погон. Еколошки погон, ментална хигиена, можност да избегаме од сивилото, да се протнеме низ општествените процепи, да ги рашириме и да создаваме свои вредности. Контра Кадар е жива, субверзивна иницијатива, расадник на идеи, расадник на вредности, расадник на акции. Ова не е празна реторика, ова произлегува од нашето делување. Примерите сведочат. Контра Кадар е артистичко кино, барем според нашето толкување на културата, кое се разбира е субјективно. Преку нас растеле иницијативи, преку Контра Кадар растевме и ние, растел и градот. Град во кој малку работи се случуваат. А уште помалку, убави работи. Добро, можеби и малку се преценуваме. А можеби и сме објективни.
Сакаме да кажеме, ние не го чекаме животот. Го живееме. Му се радуваме и се бориме за него. Она што го бараме од Вас, е да ја добиеме салата на користење, секако – бесплатно и со потребната опрема. И комплетна автономија, се разбира. Фактички, ги бараме само салата и опремата. За автономијата, не грижете се. Не бараме друга финансиска поддршка, не бараме услуги. Независно од Вашата одлука, ние не се откажуваме од користењето на јавниот имот, во случајот – Центарот за култура. Под користење, подразбираме бесплатно користење. А и веќе сме го платиле, преку нашите даноци.
Со почит,
Дебатно Кино Контра Кадар – Битола“