Тројца разбојници со нож му се заканувале на таксист и му ги одзеле парите и часовникот

by Fokus

Три непознати лица ограбиле таксист, откако претходно ги однел до посакуваната дестинација, во правец на населбата Ѓорче Петров, информираа од МВР.

Според полицијата, синоќа околу 02,20 часот во Скопје на ул.„Ангел Динев“, во такси возило „Мерцедес“, управувано од В.М. од Скопје, влегле три машки лица на возраст од околу 20 до 25 години и му рекле на возачот да вози во правец на населбата Ѓорче Петров- 2. Кога стигнале кај бензинската на “Макпетрол“, лицата побарале од В.М. да сврти десно на ул.„Панајот Гиновски“, а потоа застанале пред локален маркет. Го прашале В.М. колку треба да платат, но во наредниот момент лицето што седело зад возачкото седиште извадило нож и му го ставило ножот под грлото со сериозна закана по неговиот живот.

Од полицијата, исто така објаснуваат дека му го побарале прометот, а второто лице кое седело на задното седиште зад совозачкото го удрило В.М. со тупаница во пределот на лицето, додека третото лице кое било на совозачкото седиште од десниот џеп му одзело околу 9.840 денари, а од левата рака му го одзел рачниот часовник марка “Касио Едифис“. По ова трите лица излегле од возилото и побегнале.

Секторот за внатрешни работи Скопје превзема мерки за пронаоѓање на сторителите.

Поврзани новости