На територија на општина Карпош вчеравечер се отруени неколку кучиња како последица на оставен отров од страна на несовесни сограѓани, информираат од локалната самоуправа и додаваат дека најостро го осудуваат овој, како што велат, нечовечки чин на труење на уличните кучиња и миленици и најавуваат строги санкции согласно важечката законска регулатива.
„Во постојана координација сме со надлежните државни органи околу спречување на ваквите инциденти и незаконски постапки. Локалната самоуправа решително пристапи кон решавање на овој актуелен проблем кој нѐ засега сите. За таа цел веќе утрово стапивме во комуникација со полициската станица Карпош и се договоривме заеднички да делуваме на терен, што подразбира мапирање на откриените отрови, нивно отстранување и идентификација на сторителите“, порачуваат од општина Карпош.
Додаваат дека службите за хигиена и комуналните редари на Општината добиле дополнителна обврска за засилена контрола и отстранување на отровите кои се расфрлани на јавен простор, односно во парковите, зелените површини и околу зградите.
„Општина Карпош апелира до сите граѓани на разумно однесување и зголемена грижа за милениците. Како локална самоуправа сме во процес на изнаоѓање на трајно и хумано решение, како за зголемена безбедност на граѓаните, така и за заштита на уличните кучиња и домашните миленици. Сакаме уште еднаш да потсетиме и да предупредиме дека расфрлените отрови се директна закана за милениците, но и потенцијална опасност за децата и за сите карпошани“, посочуваат од општина Карпош и нагласуваат дека труењето на кучињата ќе биде строго санкционирано согласно важечката законска регулатива.