Мислењето на Ковачев дека никој во Европската народна партија (ЕПП) не смета дека е можно друго решение освен Договорот од Преспа, е само негово мислење со кое јас не се согласувам, вели потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, кој беше претставник од ВМРО-ДПМНЕ на конференцијата на парламентарната група на ЕПП, посветена за Западен Балкан, која се одржа пред два дена во Брисел.
Бугарскиот европратеник Ковачев во својата изјава за 1ТВ вели дека секое друго решение ќе ја блокира Македонија и дека за тоа некој треба да сноси соодветна политичка одговорност. Тој уште додава дека на Николоски му било порачано оти сестринските партии се разочарани од однесувањето на ВМРО-ДПМНЕ и дека партијата не покажува конструктивност.
На прашање дали било изразено разочарување и дали од ЕПП порачале дека не го поддржуваат тоа што ВМРО-ДПМНЕ го прави, Николоски вели:
-Конференцијата беше од затворен тип. Имавме џентлменски договор освен говорите снимени и пуштени да не коментираме ништо повеќе. Што и да кажам би било некоректно – вели Николоски.
На прашањето дали е точно како што вели Ковачев дека на конференцијата било побарано ВМРО-ДПМНЕ да понуди алтернатива на Договорот, Николоски не упатува кон неговиот говор даден во конференцијата.
-Реагирав на насловот кој го стави „Фокус“ дека сум добил некаква воспитна. Тоа не е збор од мојот речник и е еден уличарски жаргон, само на улица можат да се делат воспитни. Што се однесува до изјавата на Ковачев, тоа е негово мислење со кое јас не се согласувам. Не мислам дека било кој може во туѓо име да зборува, она што го кажал го кажал во свое име – додава тој на прашањето на „Фокус“ која е алтернативата на ВМРО-ДПМНЕ.
Инаку, во своето обраќање на конференцијата Николоски вели ВМРО-ДПМНЕ е свесна дека европската иднина на Македонија е преку договор со Грција. Според него алтеративата е нов договор склучен со ВМРО-ДПМНЕ на власт, а кој би бил прифатлив за народот.
„ВМРО-ДПМНЕ верува дека кога ќе имаме шанса да ја водиме Владата, ќе можеме да постигнеме подобар договор со Грција, договор кој ќе биде избалансиран и во корист на Македонија, не само во корист на Грција. Овој договор мора да се соочи со реалноста и граѓаните да можат да живеаат со него. Свесен сум дека Грција ќе се вклучи во изнаоѓање на подобар договор, бидејќи е и од нивен интерес да има стабилен регион и да има договор што ќе може да биде прифатен. Договор кој ќе ги почитува правата на Македонците да имаат своја држава и свој идентитет. Тоа е договор кој може да биде прифатен и да биде во полза на сите. Во меѓувреме мора да се фокусираме на работа. Борбата против корупцијата, владеењето на правото и подобрата економија не се поврзани со проблемот со името, туку се поврзани со работа што оваа Влада не го прави и поради тоа оваа Влада мора да замине“, стои во неговото обраќање на конференцијата.