Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, индиректно потврди дека за време на лидерските средби му било понудено учество во Владата се до влез на Македонија во НАТО, како што изјави вчера премиерот, Зоран Заев, во интервју за 1тв.
На тврдењата на Заев, Мицкоски утринава одговори на својот фејсбук профил. Неговиот предлог го нарече непристоен и надвор од неговите морални принцпи.
„Некој свесно заборава дека мандатот за влада, министерски места и функции ги дава единствено народот, а не поединци кои туркаат агенди за спас на своите кариери. Разните неформални понуди, кулоарски муабети, ноншалатни математички пресметки за учество во влада која треба да го донесе и реализира договорот со Грција го сметам за непристоен предлог, надвор од моите морални принципи. Суштината е дека учеството или неучеството во таква една влада нема да го направи договорот, кој некој друг го договараше и преговараше подобар или помалку штетен за Македонија и нејзините граѓани, но пак таквата понуда е сигурен доказ дека тие кои што стојат зад него се свесни дека тоа народот не го одобрува и преставува капитулантско дело за кое сега им е потребно алиби“, напиша тој.
И кога веќе е очигледно дека тонат, додава тој, и во тонењето продолжуваат да лажат, измислуваат некакви барања за амнестии кои треба да го покријат очајот.
„Но чукаат на погрешна врата, како што нагласив и претходно, компромиси со моите принципи нема да има. А непристојните предлози очигледно стануваат одлика на оваа генерација политичари која се провлекува од транзицијата, и нешто што е дел од нивниот карактер. Влада чија главна задача се делење на државни тендери на приватни фирми на луѓе од власта, каде криминалот метастазира, хедонизмот цвета, а корупцијата е заеднички именител не може да биде влада која ќе донесе иднина, туку влада која ќе зациментира небиднина“, порачува лидерот на македонската десница.
Некој свесно заборава дека мандатот за влада, министерски места и функции ги дава единствено народот, а не поединци кои…
Publiée par Hristijan Mickoski sur Samedi 4 août 2018