Министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, се сомнева дека барањето што лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, го испорача вчера од Струмица за амнестија на насилствата од 27 април, може да биде поставено како нов услов за формирањето на Државната изборна комисија, пишува „Дојче веле“. Со тоа би се блокирало евентуалното одржување на референдумот за Договорот со Грција.
Според партиски информации, ВМРО-ДПМНЕ прво го условувала формирањето на ДИК со усвојување на законот за финансирање на политичките партии и измени во Изборниот законик.
„За тоа веќе се договоривме. Но формирањето на ДИК сега се условува со нови барања. Ние не знаеме колку и до кога ќе расте тој пакет. Нема да го прифатиме тој тип на пазарање“, вели Манчевски, кој учествува во разговорите на работните група од двете партии.
На маса е барањето за измени во Законот за Влада, со кои, пред секои избори ќе функционира Влада по урнекот на „пржинската“, со министри предложени од опозицијата во неколку ресори.
„Несериозно е тоа барање да стане услов за формирање на ДИК. Кога ние баравме тоа да стане системско решение, од ВМРО-ДПМНЕ беа против. Да не заборавиме дека ‘пржинската влада’ настана како резултат на тешката политичка криза. Нема логика истото решение да се применува и понатаму. Од ВМРО-ДМНЕ треба да објаснат зошто бараат такво решение кога кризата е зад нас, за држава која оди на патот кон ЕУ и НАТО. Според сегашното законско решение, само премиерот треба да се повлече од функцијата 100 дена пред изборите“, вели Манчевски.
Прашањето за амнестија Мицкоски вчера по втор пат го акцентираше во рок од три дена.
„Има невини луѓе по затворите, само затоа што се воделе од чесна идеја и мисла, и единствен мотив им била нивната татковина Република Македонија. На ова лудило од политички реваншизам, еднаш мора да му дојде крајот“, порача Мицкоски.