Пратеничката Благица Ласовска ќе ја менува Даниела Рангелова на челото на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ, до изборот на нов претседател, а Јован Јаулески ќе застане на чело на Унијата на млади сили. Извршниот комитет синоќа одлучил да ги назначи Ласовска и Јаулески на овие функции откако Рангелова и Лука Кржалоски си поднесоа оставки.
„На редовниот состанок на Извршниот комитет, се додава, беа констатирани оставките на Даниела Рангелова и на Лука Кржалоски од позициите претседател на Унијата на жени односно Унијата на млади сили, и донесе одлука да се започне со процедура за распишување на процедура за избор на нови раководни тела на УЖ и на УМС. До изборот на претседатели на УМС и УЖ, Извршниот комитет за В.Д претседатели ги именуваше Јован Јаулески и Благица Ласовска“, информираа од партијата.
Во однос на актуелната политичка состојба, како што информираат од таму, било констатирано дека без оглед на сите закани, уцени и притисоци, како што велат, партијата продолжува на истиот курс во заштита на највисоките државни и национални интереси.
„Партиските акти изгласани на валандовскиот и кумановскиот конгрес и изборната програма на која што членовите, активистите и симпатизерите на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата за подобра Македонија дадоа поддршка за не менување на Уставот со цел промена на уставното име и натаму остануваат основен приоритет во натамошното делување. Извршниот Комитет исто така ги истакна и евро-атлантските определби на партијата и поддршката на процесите кои значат реформи во државата кои имаат цел да ја приближат Република Македонија кон стандардите на ЕУ и НАТО. Членството на Македонија во ЕУ и НАТО останува приоритет во делувањето на ВМРО-ДПМНЕ, но со особен акцент на не нарушување на достоинството на Македонија и македонскиот народ“, додаваат од партијата.