Извештајот на работната група во Министерството за правда, во кој е констатирано дека се правени злоупотреби на АКМИ системот при распределба на предмети во Кривичниот и Врховниот суд, следната недела треба да биде доставен во Основното јавно обвинителство. Потоа ќе се знае дали сторените злоупотреби ќе бидат предмет на кривични пријави.
Од Основното јавно обвинителство велат дека го очекуваат извештајот и дека во понеделник ќе ја известат јавноста за деталите. Извештајот го очекува и Специјалното јавно обвинителство, кое веќе отвори предистражна постапка за поранешниот претседател на Кривичен суд, Владимир Панчевски.
Дел од правниците велат дека за утврдените неправилности во функционирањето на АКМИС-от мора да следува кривична одговорност, но се поставува прашањето што ќе биде со оние случаи каде веќе е донесена пресуда, а кои биле распределени на рака заобиколувајќи го компјутерскиот избор.