Филип Петровски ќе се кандидира за претседател на ВМРО-ДПМНЕ на вонредниот конгрес на партијата на 23 декември, соопшти тој на вечерашната дебата „Само вистина“. Тој додаде дека се соочувал со притисоци од „палатата“, односно партиското седиште.
Како што рече Петровски, се одлучил на овој чекор по опсежна анализа и консултација со семејството, партиското членство. Додаде дека голема поддршка ужива од дијаспората.
-Долго време размислував, имав разговори со семејството, стариот мој, видни интелектуалци и вмровци и сите ние размислуваме исто, донесов одлука да се кандидрам. Има некои луѓе кои сметаат дека близината и тоа што постојано се во „палатата“ им дава предност пред другите, јас мислам тоа за нив е хендикеп, многу малку знаат што мисли членството. Има сериозен клиентелизам, гледам дека има големо непознавање за историјатот на конгресите – рече тој во емисијата на „Канал 5“.
Тој порача да не се врши притисок врз делегатите како да гласаат.
-Барам демократски конгрес, сите делегати треба да имаат лично право да се произнесат за кандидатите, во спротивно ќе имаме црна дамка, а вмро не ќе може да се извлече од длабоката криза. Настрана рацете од делегатите, а членството да се обрати со став кон делегатите, не може да не се почитува мнозинството на ВМРО-ДПМНЕ – порача тој.