Бугарската десничарска партија ВМРО предлага Бугарија да избере да биде во ист часовен појас со Северна Македонија. Денеска е последниот ден во кој земјите од Европската Унија ги менуваат стрелките на часовникот за еден саат напред.
Од ВМРО БНД на Красимир Каракачанов велат дека согласно решението на Европската Комисија секоја држава од ЕУ сама ќе решава кое часовно време да го избере, летното или зимското.
„Денеска повторно ги сменивме часовниците. За последен пат, според одлуката на Европскиот парламент. Секоја земја – членка има право да избере дали во иднина ќе се придружува на летното или зимското сметање на времето. Бугарија се уште ја нема донесено таа одлука. Затоа јас и моите колеги од ВМРО повикуваме Владата да го одбере она сметање на времето кон кое ќе остане нашиот сосед – братска Македонија. Така, поделбата на бугарскиот народ од двете страни на границата, дури и со време, ќе биде укината. И како што се пее во една убава народна песна „од Дунав до Белото Море и од Охрид до Црното Море“ нема да ги менуваме стрелките“, напиша на својот фејсбук профил пратеникот на ВМРО, Алекдандар Сиди.
Европскиот парламент донесе одлука менувањето на стрелките да престане од март 2021 година за државите кои ќе изберат да го почитуваат летното сметање на времето, а оние кои ќе го изберат зимското да прекинат со менување од октомври следната година.
До 1 април следната година државите на Европската Унија треба да и соопштат на Европската Комисија во кој часовен појас одбираат да останат.