Манчевски: Зголемен бројот на вработени во јавниот сектор, државна плата земаат вкупно 143.184 луѓе

by fokus

Минатата година во јавниот сектор имало повеќе вработени во однос на 2017 година, односно вработени се 3.346 луѓе повеќе. Најмногу вработени имало во труд и социјала и образование. Ова денеска на прес-конференција го посочи министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски.

Тој рече дека вкупниот број вработени во јавниот сектор до крајот на минатата година изнесувал 132.068, а заедно со вработените во акционерските друштва во целосна државна сопственост и преку агенциите за привремени вработувања изнесува 143.184.

– Од вкупната бројка на зголемување 2.156 лица се распределени во дејностите за труд и социјала и образование. Новите вработувања во дејноста труд и социјала се во 30-те центри за социјална работа, девет установи за социјална заштита и 67 градинки на теротиријата на целата држава, истакна Манчевски.

Бројот на вработени во органите на државна власт во 2018 година изнесувал 16.594, наспроти бројката на вработени во јавниот сектор, што изнесува 132.068.

– Намален е бројот на вработени во министерствата за труд и социјална политика, за животна средина и просторно планирање, за земјоделство, шумарство и водостопанство, за надворешни работи, за образование и наука и за одбрана, рече Манчевски.

Потенцира дека процентот на жени вработени во јавниот сектор е поголем од процентот на мажи, а во однос на образование, минатата година бил зголемен бројот на вработени со високо образование и вработени магистри.

– Бројот на жени во јавниот сектор е зголемен во однос на 2017-та година, кога имало 58.564 жени, а во јавниот сектор во 2018 година, бројот на жени изнесувал 60,593. Со високо образовние во 2017 година имало 46.405, додека во 2018 година, бројот изнесува 50.301. Во 2017 година имало 4.861 магистер, додека во 2018 година имало 5.053. Овој податок значи дека конечно во јавниот сектор се вработуваат соодветни и висококвалификувани кадри, согласно потребите на институциите, додаде Манчевски.

Поврзани новости