Министерството за образование и наука ќе побара одговорност за случајот со екскурзијата на неготински средношколци во Италија. Наставниците и директорот на училиштето во ниту еден случај, велат од таму, не смееле да ги остават учениците сами и да заминат без нив.
– Потсетуваме дека станува збор за малолетни лица кои им биле доверени ним. Исто така, загрижувачко е однесувањето на учениците за време на изведувањето на екскурзијата, за што исто така може на учениците да им бидат изречени педагошки мерки, нагласуваат од Министерството.
Државниот просветен инспекторат ќе изврши увид во гимназијата и ќе ги даде своите препораки.
– Ваквото нивно однесување спрема учениците е основ за поднесување на одговорност. Секако и на родителите им останува можноста за покренување постапка за одговорност на наставниците за нивната негрижа спрема учениците, додаваат од МОН.