ВМРО-ДПМНЕ: АД ЕЛЕМ се соочува со загуби, а раководството вработува партиски кадри

by fokus

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение ја обвинува владејачката партија за вработување во АД ЕЛЕМ без распишан оглас за вработување. Според нив, додека АД ЕЛЕМ се соочува со пропусти во производството и загуби, раководството парите ги троши за вработување на партиски кадри.

„СДСМ е елементарна непогода за енергетиката во Република Македонија. ХЕЦ Глобочица веќе три недели прелева, а од пред три дена прелева и ХЕЦ Шпиље. СДСМ без распишан оглас за вработување ги вдоми во АД ЕЛЕМ на државна плата синот на Мирослав Грчев, човекот за кој македонската нација не постои, негатор на македонската историја и ќерката на Талат Џафери, човек кој себе си се претставува за претседател на Собранието. Власта на државна плата во АД ЕЛЕМ го згрижи и сопругот на Магдалена Несторовска, државен секретар во МВР, човек на 60 години. И додека граѓаните минуваат подолг период додека да најдат работа роднините на функционерите на власта преку ноќ добиваат државна работа во едно од најдобрите државни претпријатија“, пишува во партиското соопштение на опозицијата.

Од партијата велат дека Македонија е заробена држава од врхушката на власт. Тие додаваат дека додека се богати мала група на луѓе, јавноста се замајува со цел да не се види како што наведуваат, хаваријата во државата.

„Десетина патриоти неосновано се ставени во затвор со една единствена цел, да ја дефокусираат јавноста од неработењето, незнаењето и неспособноста на власта, но и од расипничкото трошење и богатењето на мала група на луѓе од врвот на власта. На ова неработење мора да се стави крај. Оваа ненародна власт мора да си оди. Државата постои за да обезбеди еднакви услови за сите нејзини граѓани, не само за партиската елита на власт. Граѓаните заслужуваат подобро“, соопштуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Поврзани новости