Високи претставници на грчката компанија Актор се вмешани во руската шпионска мрежа во Грција, објави грчкиот портал Иефимерида. Според извори на порталот Димитри Коутрас, еден од директорите на градежната компанија, е близок до руски организации, а користел средства од руски фондови.
Коутрас бил во директни релации со новоформираниот грчки огранок на руската организација „Кралска православно-палестинска унија“. Повикувајќи се на информации од грчките безбедносни служби, менаџерот и сопственик на дел од Актор, планирал со руски пари да го преземе „Актор“ и преку инвестирање во инфраструктурни проекти да го прошири руското влијание во Грција.
Инаку неодамна Грција протера руски дипломати од својата земја, обвинувајќи ги дека се мешале во внатрешните работи на државата. Наводно руското влијание одело до таму што имало обиди да се саботира Договорот во Преспа, а според дел од информациите преку грчките свештеници Русија влијаела и во организирање на протестите против Договорот.
Актор е, пак, грчката градежна компанија која беше обвинета дека испрала 50 милиони евра преку изградба на автопатот Демир Капија-Смоквица во Македонија.