Коневски: Мицкоски треба да се повлече ако изгубиме на претседателските избори

by fokus

Доколку ВМРО-ДПМНЕ ги изгуби претседателските избори во април, одговорноста ќе биде лична на Христијан Мицкоски и тој треба да се повлече од лидерската функција во партијата, вели во интервју за САКАМДАКАЖАМ.МК Ивица Коневски, кој два мандати беше градоначалник на Општина Аеродром.

Коневски е актуелен советник на Мицкоски за Град Скопје. Вели дека е загрижен за состојбите во ВМРО-ДПМНЕ откако по гласањето за уставни измени, беа исклучени дел од членовите на партијата.

„Многу беше погрешен пристапот на претседателот на партијата Христијан Мицкоски со исклучување на членови. Многу од членовите се дистанцираа од самиот претседател, а има и голем број кои воопшто не доаѓаат во партија само заради тие политики на поделби на предавници и патриоти. Тоа беше погрешен чекор и самата партија ја носи во погрешен правец“, вели Коневски.

Тој смета дека Мицкоски ја носи партијата кон радикален национализам, наместо во модерна и прогресивна насока. Според него евентуален бојкот на претседателските избори би бил погрешна одлука на партијата која ќе ја одалечи од меѓународната заедница.

„Треба да му дадеме шанса на Мицкоски за претседателските избори. Јас сум оптимист по природа, но по ова прашање дека тој ќе ги обедини сите, од ден на ден, сум сè поголем песимист. Доколку ги изгуби изборите покрај една ваква катастрофална состојба и власт која ништо не испорачува, заради тоа што нема капацитет да ги обедини сите чинители, одговорноста ќе биде лична на Мицкоски. Заради доброто на партијата и членството доколку ги изгуби изборите треба да се повлече од лидер“,вели Коневски.

Поврзани новости