Димитров зборуваше за „Убавата Македонија“ во Сунио, а Коѕијас дофрли дека и Албанија е убава

by fokus

Шефот на македонската дипломатија Никола Димитров во обраќањето пред неговите колеги во Сунио се осврна на насловот на конференцијата „Иднината на Европа“ велејќи дека за земјите кандидати за членки во ЕУ од Балканот, „иднина“ и „Европа“ се два збора синоними, јави дописничката на МИА од Атина.

– За нас на Балканот, државите кандидати, земјите аспиранти, иднината на Европа, двата збора од насловот на сесијата се речиси синоними. Кога мислиме на нашата иднина мислиме на Европа, кога мислиме на Европа се работи за нашата иднина. Ние исто така се чувствуваме и препознаваме дека се обидуваме да фатиме подвижна цел, рече Димитров во почетното обраќање.

Шефот на македонската дипломатија додаде дека оваа е важна година за регионот.

– Мислам и верувам во многу историска година поради бугарското претседателство, поради различни елементи што го одново го вратија вниманието на Европа кон регионот и дека имаме можност да успееме и имаме опасност да паднеме, рече Димитров и додаде дека на сите им е јасно дека членството во ЕУ нема да се случи преку ноќ, туку дека се потребни години, но како што наведе „треба да инвестираме политичка енергија и политички капитал во процесот што на некој начин ќе ја комплетира Европа“.

Министерот за надворешни работи говореше за заедничките и унифицирани гласови што треба да ги имаат земјите од регионот за да можат пораките да стигнат до ЕУ.

– Ние сите знаеме дека гласовите околу масата, некои големи некои мали,  не можат да се слушнат во големата дискусија во Брисел дали за проширувањето или за иднината ако гласовите не се блиски или унифицирани, додаде Димитров, велејќи дека токму затоа е корисна иницијативата за иднината на Европа.

Во однос на консолидацијата на Европа, шефот на македонската дипломатија рече дека „не можеме да се разговарс за консолидација на Европа без да се говори за консолидација на Балканот“ и како пример ја спомена мигрантската криза.

„Beautiful Macedonia“ е терминот што го искористи шефот на македонската дипломатија говорејќи за нашата земја, на што неговиот грчки колега, неофицијално (говореше со исклучен микрофон) му дофрлил дека и Албанија е исто така убава, а Димитров одговори дека постои поубава.

Конкретниот термин „Beautiful Macedonia“ го употреби и самиот Коѕијас, на крајот од првата сесија, говорејќи за земјите од регионот.

На конференцијата за иднината на Европа во Сунио, освен Македонија и домаќинот Грција, учествуваат и министри од Словачка, Унгарија, Црна гора, Босна и Херцеговина, Полска, Романија, Бугарија, Хрватска, Словенија, Чешка и  Косово.

На маргините на конференција, се очекува министерот за надворешни работи на Македонија, Никола Димитров да одржи повеќе билатерални средби.

Поврзани новости