Надворешната канцеларија за криминалистички работи Прилеп поднела кривична пријава до Основното јавно обвинителство против две лица од Битола, за говорот на омраза искажан на Мачин Камен за време на прославата по повод Илинден.
„Основното јавно обвинителство Прилеп презема дејствија за утврдување на факти и прибирање докази во врска со нападите и говорот на омраза кои беа изречени за време на одбележувањето на државниот празник на Мечкин Камен. Во обвинителството е пристигната кривична пријава поднесена од МВР – СВР Битола, против две лица и други непознати лица а за сторено кривично дело – Предизвикување омраза, раздор или нетрпеливост врз национална, расна, верска и друга дискриминаторска основа од член 319 од Кривичниот законик. Со кривичната пријава на двајцата осомничени, жители на Битола, заедно со засега се уште непознати лица, им се става на товар дека за време на прославата употребувале говор на омраза кој бил забележан на видео запис и емитуван на една од националните телевизии“, информираа од Обвинителството..
Од таму додаваат дека надлежен обвинител од Основното јавно обвинителство Прилеп во континуитет презема дејствија за да го расчисти кривично правниот настан.