Донатори како Тантуровски повеќе не ќе можат да бидат антикорупционери

by fokus

Собранието на Република Македонија денеска ќе ја одржи 80. седница на која единствена точка на дневен ред е Предлог законот за спречување на корупцијата и судир на интереси, по скратена постапка и со европско знаменце.

Овој Предлог-закон ќе оди по скратена постапка и со европско знаменце со цел да се донесе што е можно побргу.

Со Предлог законот се зголемуваат ингеренциите на Антикорупциска комисија, која до сега важеше за партизирано тело кое не си ја врши својата работа. Одредбите од предлог законот предвидуваат антикорупционерите отсега да го следат финансирањето на политичките партии и финансирањето на изборните кампањи, што до сега не беше случај.

Како новина е и тоа што Комисијата ќе може да прави директен увид во сметките на политичарите, но и да покренува постапки пред надлежните органи за наодите во ревизорските извештаи.

Со новото законско решение се зголемуваат и критериумите за избор на членовите и претседателот на комисијата. Членови на Антикорупциска повеќе нема да можат да бидат оние кои во изминатата деценија биле пратеници, членови на Владата или функционери во органите на политичка партија, а не ќе можат да се кандидираат ниту донатори на некоја политичка партија.

Последниот услов е воведен пред се поради последниот претседател на Комисијата, Игор Тантуровски, кој четири години пред да биде избран за претседател на Антикорупциска се појавил во списокот на донатори на ВМРО ДПМНЕ.

Тантуровски самиот потврди дека во 2012 година донирал 60.000 денари за ВМРО-ДПМНЕ, што беше доведена под прашање неговата независност.

Инаку, спроред предлог законот во иднина ќе се зголеми и соработката на Антикорупциска со останатите државни институции, како банки, МВР, УЈП, Фонд за пензиско и инвалидско осигурување, Агенција за катастар, Царина и уште многу други. Овие институции ќе имаат рок од 15 дена да одговорат на барањата на Комисијата, инаку ќе се соочат со прекршочна пријава.

Со ова антикорупционерите ја добиваат улогата на обвинители. Тие ќе имаат право и да ги повикуваат на разговор лицата против кои се води постапката, но да користат и надворешни експерти.

Еден член на Комисијата ќе биде номиниран од Народниот правобранител, еден претставник од Советот за соработка меѓу владата и граѓанскиот сектор за областа Демократија и владеење на правото, член од Советот за соработка меѓу владата и граѓанскиот сектор за областа Медиуми и информатичко општество и по двајца пратеници од власта и од опозицијата. Комисијата потоа листата на кандидати ја доставува до собраниската Комисија, која ќе му ги предложи на Собранието да ги избере.

За да се донесе законот потребно е двотретинско мнозинство. Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ најавија дека нема да го поддржат законот во ваква форма изразувајќи сомневања дека се подготвува „нов чадор што подоцна би служел за притисок врз политичките неистомисленици“. Поднесоа и амандмани.

ДКСК, пак, е нефункционална откако оставки поднесоа пет членови на Комисијата поради наводите за ненаменско трошење на буџетски средства од нивна страна.

Поврзани новости