Димитров за Гоце Делчев: Факт е дека добивме држава подоцна од повеќето балкански народи

by fokus

Министерот за надворешни работи, Никола Димитров, одговарајќи на пратеничко прашање за препирките и дебатата која што се отвори во македонската и бугарската јавност за Гоце Делчев, рече дека со мудрост и внимание треба да се приоѓа на овој процес. При тоа тој посочи дека можеби е време да се објават, како што рече, оригиналните писма на Делчев.

-Многу е лесно да се вратиме на караниците. Не е добра и за нашата самодоверба како народ. Факт е дека имаме своја држава нешто подоцна од повеќето балкански народи, факт е дека не сите со раширени раце ја дочекуваат таа државност, факт е дека овој историски процес е сплет на многу личности и околности. Процесот на создавање на нашата национална свест, но и на нашата државност. Ако го гледаме животот и делото на херојот Гоце Делчев, се родил во место што денес е во Грција, учел гимназија таму, се школувал во место што е денеска во Бугарија, бил учител во место што е во денешна Северна Македонија – рече Димитров на прашањето кој е неговиот личен став.

Според Димитров напорите треба да се фокусираат на изнаоѓањето перспектива која ќе ги обединува двата народи.

-Ако овој процес се води мудро и внимателно ќе резултира кај нас со поголема самодоверба да се свртиме кон назад, од друга страна во сегашноста нашите соседи да не прифатат такви какви што сме: македонски народ, што зборува македонски јазик, составен од локални дијалекти. Колку повеќе ова се користи во политичка битка кај нас или кај нив, потешко ќе излезе позитивен резултат. Убеден сум дека за нас е ова здрава работа, да ги објавиме оригиналите на писмата на нашиот херој Гоце Делчев, кој е длабоко вткаен во нашата државност и посебност. Ако не гледа некаде од небото, нема да биде задоволен со оваа дебата. Имал таква визија да ги повика сите други народи кои живееле на нашата територија за ослободување од начинот на владеење – додаде Димитров.

Поврзани новости