Вицепремиерот, Кочо Анѓушев, очекува раздвижување на економијата по референдумот, кој, според него, ќе биде успешен. На денешната прес конференција Анѓушев информираше за раст од 12 отсто на индустриското производство во првото полугодие од годината. Според него, тоа значи дека целокупната економија се раздвижува и дека стопанството ги препознало владините мерки.
Запрашан за неговите компании, од кои една се повлече од грантот на Фондот за иновации, а фирмите Брако и Каст-инвест од списокот можни добитници на државни пари од Агенцијата за странски инвестиции, Анѓушев рече дека не се битни тие компании.
-Нема никаков конфликт на интереси и заобиколување на законите. Престана делењето пари зад затвори врати и класифицирани договори. Компаниите кои ги задоволуваат законските критериуми имаат право да аплицираат. Сепак овие компании се повлекоа не поради конфликт на интереси туку затоа што сензитивноста кај јавноста е голема после подолг период. Не се битни тие две компании, ако се проблем нема да аплицираат. Треаба да гледаме што е добро за целата економија. Бројките покажуваат дека целата економија се раздвижува – рече Анѓушев.
Економијата, додаде, ќе се раздвижи со поголем интензитет по референдумот.
Убеден сум дека после успешниот референдум и задвижување на нашите процеси кон ЕУ и НАТО растот ќе биде со поголем интензитет. Треба да сфатиме во кој правец оди Македонија и треба тој воз да го фатиме за да обезбедиме поизвесна и перспективна иднина – изјави вицепремиерот.