Активистите од Чифлик ја спасија реката Дошница: Хидроцентрала нема да се гради

by fokus

Активистите од здружението на граѓани „Еко Чифлик“, кои со денови чуваа стража и не дозволуваа да се започне со изградба на хидроцентрала на реката Дошница, информираат дека конечно успеале да спасат реката.

Инвеститорот не започнал со градба во законски предвидениот рок, со што секое наредно отпочнување на градежни работи би било противзаконски.

-Би сакале да ве информираме дека успеавме во нашата намера да ја одбрниме реката Дошница. Инвеститорот не успеа да го запази рокот за отпочнување на изградба на хидроцентралата. Исто така, би сакале да ве информираме дека ние овде нема да застанеме. Во однос на изградбата на хидроцентралата активно ќе делуваме во насока на трајно заштитување на коритото на реката Дошница. Еко Чифлик ќе делува активно во однос на заштитување и подобрување на моменталната состојба во овој регион. Во продолжение се фотографиите од целокупната траса на која требаше да биде изградена хидроцентралата. Овие слики се доказ дека заклучно 27.07.2018 година инвеститорот нема отпочнато со изградба. Исто така, добивме потврдна информација од надлежната институција дека е направен записник во кој се заклучува дека овој проект не е отпочнат во законски предвидениот рок. Секоја нареден обид за почнување со градба е противправен – известуваат од здружението на граѓани Еко Чифлик.

Битката на активистите од здружението траеше цела година. Откако лани добиле сознанија дека ќе се гради хидроцентрала и ќе пристигне механизацијата, тие организираа протести, но и редовно чуваа стража и не дозволуваа да се започне со работа.

Според нив, изградбата на спорната хидроцентрала била проследена со низа нерегуларности, и можела да предизвика еколошка катастрофа, бидејќи ќе значела замирање на многуте бунари, потоци и извори, чија вода се користи за наводнување и пиење. Освен тоа, стравуваа дека ќе биде загрозено и природното живеалиште на над 130 видови на птици, но и на речниот животински свет, како што се пастрмките и водните ракови.

Според договорот кој што од Еко Чифлиг тогаш го доставија до нашата редакција, а бил склучен во 2014 година за повеќенаменско користење на водните ресурси на реката Дошница, поточно во атарот на село Бунар Чифлиг, истиот е помеѓу Водостопанство Тиквеш – Кавадарци и Електро – Тек ДОО Скопје. Водостопанство Тиквеш – Кавадарци е наведено како јавен партнер, додека Електро – Тек ДОО Скопје се води како приватен партнер.

Покрај членовите на здружението и дел од месното население на село Чифлик, Демир Капија се приклучи кон протестите. Пред десеттина дена и Лазар Петров, градоначалникот на Демир Капија ни изјави дека им ја дава својата поддршка, бидејќи евентуалната изградба на хидроцентралата ќе значела еколошка катастрофа, нарушување на флората и фауната и пресушување на бунарите.

Вики Клинчарова

Поврзани новости