Али Ахмети, Амди Бајрам, Антонио Милошоски и уште тројца пратеници на ВМРО-ДПМНЕ не гласаа за амнестијата

by fokus

Вкупно 17 пратеници не го искористија своето право на глас на вчерашната собраниска седница на која со 95 гласа и ниту еден против беше изгласан Законот за амнестија, со кој ќе се спасат од одговорност голем дел од обвинетите за упадот во Собранието.

Меѓу овие 17 пратеници четворица се од најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ. Од таму се уште нема објаснување зошто на вчерашната седница дел од нивните пратеници не гласаа согласно партискиот став.

Меѓу вмровските пратеници кои не гласаа се Антонио Милошоски, Лилјана Затуроска, Дафина Стојаноска и Благица Ласовска.

Одбил да гласа и пратеникот од ЛДП, Горан Милевски, кој го најави тоа при неговиот реизбор за лидер на партијата.

Меѓу оние што не гласаа се Амди Бајрам и Енес Ибрахим од Партијата за движење на Турците.

Од ДУИ освен претседателот Али Ахмети, за амнестијата не гласаше ниту пратеникот Џеват Адеми.

Не гласаа ниту пратениците на БЕСА, Африм Гаши, Теута Биљали, Фадил Зендели, Реџеп Мемеди, Неџбедин Карамани.

А своето право на глас не го искористи ниту пратеничката на ДПА Мерал Ферати Узеири.

Инаку, според законот амнестијата за случувањата во Собранието на 27 април 2017 нема да ги опфати организаторите и подготвувачите на настанот, лицата кои извршиле физичко насилство, лицата со фантомки кои извршиле насилство, кои носеле оружје и експлозивни направи, како и службените лица кои ги пречекориле службените овластувања.

Од амнестија ќе бидат изземени и лицата кои се обвинети за здружување заради непријателска дејност согласно чл. 324 од КЗ.

Обвинетите сега имаат рок од пет дена по донесувањето на законот да поднесат индивидуално барање до Судот и јавното обвинителство, кои се надлежни за случајот.

 

Поврзани новости