Ерменија и Азербејџан потпишаа договор, Русија разместува мировни сили

by Fokus

Ерменија, Азербејџан и Русија потврдија дека потпишале договор со кој се прекинуваат воените дејствија во Нагорно-Карабах после повеќе од еден месец жестоки судири во регионот.

Ерменскиот премиер Никол Пашињан ја објави веста за потпишувањето на договорот во раните утрински часови, а истото го стори и претседателот на Азербејџан, Илхам Алијев.

-Потпишаната трилатерална изјава ќе биде клучната точка во решавањето на конфликтот, изјави Алијев на состанокот со рускиот претседател Владимир Путин кој беше одржан онлајн.

Путин изјави дека руските мировни сили ќе бидат разместени долж границата во Нагорно Карабах и долж коридорот помеѓу двете земји. Рускиот претседател истакна дека со договорот ќе се воспостават услови за „долгорочно и целосно решение на кризата во Нагорно-Карабах“.

Рускиот министер за одбрана, Сергеј Шојгу потврди дека Русија започна да разместува речиси две илјади припадници на мировни сили, додека Алијев најави и учество на Турција во процесот на чување на мирот.

Декларацијата е потпишана после шест седмици жестоки борби помеѓу азербејџанските и силите за одбрана на Нагорно-Карабах поддржани од Ерменија.

-Одлуката е донесена врз темел на внимателна анализа на состојбата на боиштето и разговорите со најдобрите експерти на теренот. Ова не е победа, но нема пораз ако не се сметаш за поразен. Никогаш нема да се сметаме за поразени, а ова ќе биде нов почеток на нашето национално единство и препородување, изјави ерменскиот премиер Пашињан.

Борбите, во кои се претпоставува дека досега загинаа илјадници, предизвикаа страв дека би можело да го зафатат поширокиот регион, со оглед на тоа што Турција отворено застана на страната на Азербејџан, а Русија ја поддржува Ерменија и во земјата има своја воена база.

Поврзани новости