Конститутивната седница на парламентот да биде временски ограничена, да се остават денови плус за расправа за буџетот, а потпретседателот на Собранието од редовите на опозицијата да има зголемени надлежности – ова, според информации на „Независен весник“, се дел од точките за кои се блиску до договор преговарачките тимови на мнозинството и на опозицијата во парламентот, а кои допрва треба да се преточат во измени на собранискиот Деловник.
Според весникот, мнозинството и опозицијата се речиси усогласени околу тоа конститутивната седница да трае исто колку и седницата за избор на влада – два дена, така што таа мора да заврши со избор на претседател на парламентот. Оваа новина се воведува по сугестија на меѓународната заедница, а со цел да се избегнат ситуации како по изборите во 2016 година, кога од конституирањето на деветтиот парламентарен состав до изборот на Талат Џафери за претседател поминаа речиси четири месеци, а епилог беа крвавите настани на 27 април. Се најавува и дека во новиот Деловник ќе се прецизира дека со конститутивната седница претседава најстариот пратеник или некој од следните според возраста, за да се избегнат маневри какви што преземаше претходниот претседател на парламентот Трајко Вељаноски.
Според информациите на „Независен весник“, во рамки на разговорите меѓу мнозинството и опозицијата, се прифатени досега повеќето или околу 14 барања на ВМРО-ДПМНЕ за измени на Деловникот. Едно од барањата е потпретседателот на парламентот од редовите на опозицијата да добие зголемени надлежности, така што, на пример, во случај на спор ќе може да побара од спикерот прашањето да го реши Комисијата за деловнички и мандатно имунитетни прашања. Во оваа насока се очекува и ВМРО-ДПМНЕ во наредните месеци да кандидира еден од своите пратеници за потпретседател на Собранието, откако одби да го направи тоа за време на бојкотот – кога се избираа актуелните тројца потпретседатели. Потпретседателот од ВМРО-ДПМНЕ би ја презел комисијата за менаџирање на Собранискиот канал на МРТ. Петтиот потпретседател, пак, треба да биде од редовите на Беса, но и ова место не е пополнето сѐ уште поради внатрешните несогласувања во партијата. Засега според весникот, спорно за мнозинството е барањето на ВМРО-ДПМНЕ – одлуката за одземање имунитет на пратеник да се носи со двотретинско мнозинство. Образложението на мнозинството, пак, е дека имунитетот на пратениците е уставна материја.
Од друга страна, има расположение за предлогот да се дадат дополнителни денови за расправа за буџетот. Така би останале три дена за општа расправа за буџетот и седум за амандманска, по што во наредните три до четири дена би се разгледувале дел од преостанатите амандмани за кои опозицијата ќе одреди дека треба да се расправа. Потоа, би останал уште еден ден за Владата да се произнесе за сите поднесени амандмани. Коалицијата на СДСМ, пак, се залага за тоа да се утврди точен рок, на пример, од по три дена комисиска и пленарна расправа, по што ќе мора да се гласа за одреден закон. На таков, начин, според проценките, ќе се избегнат чести блокади на парламентот со бескрајни расправи за одредени прашања.