Епидемиолозите во Белгија против укинување на заштитните маски на јавни места

by Fokus

Додека соседна Холандија се подготвува да ја укине мерката за носење заштитни маски на јавни места, во Белгија експертите предупредуваат дека е сѐ уште рано за оваа мерка, иако стапката на вакцинација во Белгија е повисока од Холандија, јавува МИА од Брисел.

Со најавите за укинување на маските во повеќе земји во ЕУ, одредени политички партии бараат да се примени мерката и во Белгија. Меѓу нив и самиот премиер Александер де Кро.

На ова научниците кои се членови на кризните штабови за вакцинација и за спречување на пандемијата одговорија дека е прерано.

Инфектологот Ерика де Влиге за медиумите изјави дека епидемијата не е завршена.

„Иако мнозинството луѓе се вакцинирани, периодот што следува, есента и зимата, ќе биде стрес-тест за да знаеме дали сите брани што ги инсталиравме за спречување на вирусот се доволни. Вакцинацијата е една брана, се разбира, но и вентилацијата во затворени простории, како и носењето маска во специфични услови се дополнителни бариери. Знаеме дека респираторните вируси побрзо се шират во зима кога луѓето се поактивни во затворени места. А ние одлучивме да отвориме повеќе активности, така што треба сега да почекаме да видиме какви последици врз епидемијата пред сѐ да се олабави одеднаш, би било навистина штета да имаме четврт бран после сѐ што сторивме, изјави Де Влиге.
Нејзиниот колега од кризниот штаб за коронавирусот, Ив ван Латем, даде поддршка за оваа позиција.

Белгија има една од највисоките стапки на вакцинација на своето население, освен во големите градови како Брисел, Антверпен и Лиеж.

Последните бројки на здравствените власти се охрабрувачки. Бројот на новозаразени е намален за пет отсто помеѓу први и седми септември во споредба со претходната недела, но бројот на хоспитализирани е пораснат за три отсто, а загрижува и растот на нови пациенти на интензивна нега кој изнесува 15 отсто.

 

Поврзани новости