ЕП утре ќе гласа за извештајот за Македонија и за амандманите што ја разлутија Бугарија

by Fokus

Европскиот парламент (ЕП) утре ќе расправа и ќе гласа за Годишниот извештај за Северна Македонија, кон кој групите на Зелените и на Социјалистите доставија предлози за измени и дополнувања, кои се однесуваат на непримерно и провокативно однесување на бугарските власти.

Во амандманот, претставници на бугарската влада се обвинети за провокативни изјави за историски прашања кои ја засегаат Северна Македонија и се повикуваат бугарските власти да се воздржат од такви изјави и покрај тековната изборна кампања во Бугарија.

Предлогот го дадоа четворица европратеници од групите на Социјалистите и Зелените: Тонино Пицула (Хрватска), Тања Фајон (Словенија), Андреас Шидер (Австрија) и Марек Белка (Полска), а во амандманот стои „се осудуваат неодамнешните провокативни изјави на претставници на бугарската влада за историски прашања што ја засегаат Северна Македонија, што е спротивно на духот на Договорот за добрососедство со Бугарија и се повикуваат бугарските власти да се воздржат од такви изјави и покрај изборната кампања што е во тек во Бугарија“. Воедно, со вториот амандман се поздравува зрелиот и избалансиран одговор на владините претставници на Северна Македонија на овие провокации.

Бугарските европратеници најавија дека ќе гласаат против амандманите, кои, како што оценуваат, содржат квалификации неприфатливи за Бугарија.

Европратеникот од Европската народна партија, Андреј Ковачев, изјави дека ЕПП во знак на солидарност ја поддржала Бугарија и поднела два амандмана кои се поврзани со немање напредок во спроведувањето на претходните препораки на Европскиот парламент за дискриминација на граѓаните кои отворено го изразуваат својот бугарски идентитет.

Европратеникот Ангел Џамбаски од групата на европски конзервативци и реформисти вели „скандалозните корекции од страна на Зелените и Социјалистите, биле направени во последен момент, а уште поскандалозно е што претседател на Партијата на европските социјалисти е Сергеј Станишев, кој е бугарски претставник во ЕП“.

Бугарските социјалисти, преку соопштение, известија дека нема да гласаат за амандманот. Тие во своето соопштение отворено се конфронтираат со ставовите на Красимир Каракачанов и го обвинуваат дека со објавувањето карти и со неговите непримерни изјави во целост ја нарушува позицијата на Бугарија во Европа. Така, според нив, Бугарија не добива поддршка, туку нови резолуции.

 

Поврзани новости