ЕМА со уште поголемо внимание ќе ги следи случаите на згрутчување на крвта после вакцинација

by fokus

На прес конференцијата на Европската агенција за лекови попладнево за можната поврзаност експертите навлегоа во деталите на случаите на згрутчување на крвта по примање на вакцините кои користат аденовирус, јави дописничката на МИА од Брисел.

Иако сѐ уште не е јасно што и како точно се појавуваат ретките случаи на тромбоза на невообичаени места во телото после вакцинација, за сега според научните истражувања тие се појавуваат почесто кај лица што примиле вакцина која користи аденовирус вектор отколку со вакцините кои го користат мРНК методот, објаснија докторите во ЕМА.

Највеќе случаи има со вакцината на АстраЗенека  со 287, потоа Фајзер со 25, Џонсон и Џонсон со осум случаи и Модерна со пет случаи.

Сепак, како што објасни докторката Штраус, претседавач на Комитетот за фармаковигилентност на ЕМА (ПРАК) случаите на згрутчување на крвта после примање на аденовирус вакцините се повисоки од очекуваното, за разлика од другиот метод.

Во случајот на Џонсон и Џонсон бил идентификуван еден случај на тромбоза веќе и во клиничката фаза на тестирање.

Што се однесува до вакцините кои користат мРНК метод, односно Фајзер и Модерна докторката Штраус порача дека бројот на случаи е ограничен во споредбата со стапката на вакцинирани лица, и дека со оглед на тоа бројот на случаи на тромбози е понизок од тоа што тие го очекувале.

Останува дека научниците сѐ уште не се во позиција да кажат прецизно што ги предизвикува овие многу ретки случаи на згрутчување на крвта. Иако се повеќе погодени жените под 60 годишна возраст, не се исклучиво тие засегнати, а во случајот на Џонсон и Џонсон само една од жртвите на тромбоза користела контрацепција, така што во овој момент не може да се дефинираат прецизни фактори на ризик.

АстраЗенека и Џонсон и Џонсон иако се аденовирусни вакцини тие не се исти, објасни докторката Штраус. Имено, АстраЗенека користи аденовирус од шимпанза, додека Џонсон и Џонсон користат човечки аденовирус. Ова е една, но и единствена разлика помеѓу овие две вакцини.

ЕМА меѓутоа од сега натаму со уште поголемо внимание ќе ги следи случаите на згрутчување на крвта после вакцинација, вклучително и кога ќе дојде на ред авторизацијата за руската вакцина Спутник.

-За сега ПРАК е во многу рана фаза за Спутник, но бидејќи сега сме алармирани за овие случаи ќе посветиме поголемо внимание на тоа и пријавувањето на овие случаи ќе биде една од обврските на компаниите, изјави директорката на ЕМА, Имер Кук.

Поврзани новости