Ем ги тепаат, ем не смеат да плачат!

by Fokus

Пишува: Валентина ВУРМО

По обвинителката Фатиме Фетаи од трката за шеф на Вишото скопско обвинителство ненадејно се повлече и нејзиниот колега Бурим Рустеми.

Па така, доскорешниот шеф на ова обвинителство Мустафа Хајрулахи остана сам да го истрча победничкиот круг.

Од Советот на јавните обвинители, пак, иако веќе оддамна му ја стокмија златната медала, сега растеретени од расчистената конкуренција, едвај ќе чекаат да му ја закачат.

И потоа нека смее да писне некој дека не е фер. Изборот ќе биде сосема регуларен, односно ќе се правдаат дека го избрале најдобриот од пријавените, иако изборот ќе се сведе на единствен дојден, единствен услужен.

Но како што ќе биде „легална“ победата, така е легитимно и прашањето зошто двајцата обвинители се повлекоа? Фетаи го направи тоа без образложение, а Рустеми кусо одговори дека сметал дека противкандидатот имал поголеми шанси за победа.

Не дека обвинителот Рустеми не е во право, ама тоа не е целата вистина. Го кажа крајниот резултат, на кој веќе оддамна сите се обложија, но не откри како е дојдено до него.

Па нели Советот дури на седницата за избор преку аргументи треба да каже кој ја има најголемата шанса за победа и тогаш, во докрај неизвесна борба, да го избере најдобриот?

Вака е на хартија, но праксата за жал е сосема поинаква.

Реалноста е дека победничките шеми се кројат многу порано, и тоа не во салата за избор, туку по канцелариите и кој знае каде на друго место. Се зборува и дека коефициентот за победникот бил утврден во уште една канцеларија, надвор од советот, односно во Мала Речица. Се воделе по максимата, она што е наше не го даваме, а може да го земеме и туѓото.

И сето ова е јавна тајна, но нејасно е зошто обвинителите што „брутално ги тепаат“ не смејат ниту да плачат?

Баш од нив се очекува со сите сили да се борат против неправото и да дојдат до правото и правдината! Во спротивно самите ќе се виновни што се губитници, и тоа и не е толку страшно, но во случајот проблемот е што не губат само тие, туку целиот правосуден систем!

Но, сепак и тие имаат оправдување. Ако ги прашате повеќето обвинители во државата зошто молчат и ја веднат главата кога треба најмногу да ја исправат, ќе ви го посочат Етичкиот кодекс, кој пред една година им го стокми, кој друг, ако не Советот на јавните обвинители. Велат дека со него ги држат на кратко јаже, па ако прозборат ќе им ја пристегнат јамката, односно ќе им биде покрената дисциплинска постапка.

Имено, во него, меѓу другото, пишува и дека обвинителите не смеат да ги коментираат во јавност одлуките донесени на Советот и на шефот на Обвинителството!

Па така, него како, да се знае кој пали и гаси.

Случајно или пак не, истиот беше донесен еден месец подоцна откако јавната обвинителка Ленче Ристоска јавно побара одговор од Советот зошто не била избрана за виш јавен обвинител?

Шокирани од смелоста и „дрскоста“ на обвинителката да поставува прашања, си најдоа решение за во иднина никој да не ги стави во таква незгодна ситуација. Па не се тие ученичиња па таму некој да ги испрашува.

Но етичкиот кодекс не е до крај оправдување зошто обвинителите се замолчени. Па тие, не зборуваа и пред неговото донесување, а не се потресоа и кога истиот беше усвоен.

По се изгледа и сега молчат за големата слика, како од времето на СЈО, иако веќе никој не знае која е таа. Тогаш барем имаа оправдување, влогот, односно предметите, беа најважни од се. Тежеа повеќе отколку навредите упатени од шефицата, или од пепелникот, кој и се лизнал од рака кон обвинителска глава.

И до некаде да ги разбере човек зошто молчеа тогаш, но за сега, немаат оправдување. Ниту гледаме вистинска борба против корупцијата, ниту барем аматерска глума на темата. Се е јасно како ден. Со сто стапа по обичниот народ, а со ниту еден по криминалците со белите јаки!

И на крај, не слушнавме абер од Калето. Дали и сега, како од изборот на шефот на Обвинителството за Организиран, повторно се збунети?

 

 

 

 

Поврзани новости