Елена не беше како разгалените невести кои шијат венчаници во работно време, рече сведокот за секретарката на Вељановски

by Fokus

Сведокот на одбраната, Светлана Наумова, вработена во Собранието, кажа пофални зборови за обвинетата секретарка на поранешниот претседател на Собранието, Елена Доцевска Божиновска, на денешното рочиште.

Таа рече дека Доцевска Божиновска била професионална и пример за останатите вработени.

-Не толерираше виткање, кршење или повредување на деловник, закон или Устав. Беше професионална и отворена за соработка. Како за пример таа ја организираше свадбата после 22 часот, а не како секоја разгалена невеста која заминува од работа за да шие венчаница. Во случајот со ин витро, таа не постапи како другите што земаат два три месеци неплатен одмор или боледување, таа ја носеше терапијата на работа и ја чуваше во кабинетскиот фрижидер за да не трпи државата. Таа е вистински човекољубец – рече сведокот Наумова.

Во вкрстеното испрашување обвинителката Вилма Русковска ја праша Наумова дали обвинетата била човекољубец и кога ја повикувала масата да влезе во Собранието и да се качи горе. Сведокот на тоа рече: -Не мислам дека Елена во ниту еден момент не ја наведуваше толпата – рече таа.

М.В.

Поврзани новости