Два концерти во една вечер на Јоксимовиќ во Скопје

by Fokus

Популарниот српски пејач Жељко Јоксимовиќ повторно доаѓа во Македонија. Тој ќе настапи во Скопје, во МОБ на 23-ти декември, но наместо да одржи еден концерт, како што првично беше најавено, во една вечер ќе има два концерти.

Причината за тоа е големиот интерес на нашата публика за српскиот хитмејкер, кој првиот концерт ќе го започне во 19 часот, а пак вториот во 22 часот. Тој ќе го претстави предновогодишниот проект ,,Два света”, а влезниците за настанот се продаваат по цени од 1.200, 1.600, 1.800, 2.100, 2.500, се до 3.000 денари, во зависнот од местото на седење.

Пред две години, со музичкиот проект ,,Два света” тој одржа дури четири концерти во МНТ. Јоксимовиќ е еден од најредовните гости кај нас. Лани, во ноември имаше концерт во Скопје, во ВИП Арена Борис Трајковски, а билетите се продаваа по цена од 600 до 1.500 денари. Во јуни, 2014 година, исто така имаше голем концерт во Скопје. И во 2011 година, во Спортската сала Борис Трајковски пееше пред многубројната публика. За време на својот концерт во Скопје во јули 2010 година, дури беше и блокиран сообраќајот поради големиот интерес на граѓаните за настанот. Тогаш, тоа беше негов трет концерт во Скопје. Годинава пееше во Прилеп, на Пиво Фест, а на истата манифестација настапи и во 2012 година. Во Струмица на Опен Фестивал настапи во 2016 година, но и за христијанскиот празник Велигден во 2011 година. На пастрмајлијадата во Штип во 2014 година беше главна музичка ѕвезда, а истата година настапи и во Охрид, за празнувањето на верскиот празник Богојавление – Водици.

Освен на општински манифестации, во Охрид има одржано и неколку концерти на стадионот Билјанини извори. И Општина Дојран го донесе Јоксимовиќ во 2013 година, кога пееше на Паркинг Гранит. Пееше во Велес, на манифестацијата ,,Питијада 2016”, а велешкиот градоначалник Аце Коцевски ни откри дека тогаш, во време кога градоначалник беше Славчо Чадиев, му бил исплатен хонорар од 29.774 евра. Беше главна музичка ѕвезда во Кавадарци на Тиквешки гроздобер во 2014 година, а истата година пееше и во Македонска Каменица на плоштад. Повеќе од една деценија Јоксимовиќ ги полни концертните сали во земјава и плоштадите за време на општинските манифестации, а јавниот интерес за него не стивнува.

Вики Клинчарова

Поврзани новости