Елена и Сани ги уриваат стереотипите: Имам педесет и изгледам фантастично!

by fokus
За својата нова модна колекција, наменета за сезоната есен-зима 2016/2017, Елена Лука го направила вистинскиот чекор. И покрај младите модели Емилија Розман и Мартина Михајловска, таа ја ангажирала модната новинарка и модел Снежана Богдановска – Сани, која и во своите зрели години зрачи со својот софистициран изглед и харизма.

thumbnail_sani2

Иако кај нас традиционално се ангажираат релативно млади модели, потегот на брендот Елена Лука, односно на сопственичката и генералниот менаџер Елена Пандева наиде на позитивни критики и пофалби во јавноста, затоа што таа испрати јасна порака дека жените можат да бидат секогаш убави и привлечни, независно од возраста. Изградениот идентитет на моделот, кој што неретко изостанува кога се во прашање модели кои штотуку станале полнолетни, е токму тоа што и дава посебен шарм на колекцијата, за која што се коментира дека ќе направи пресврт во поимањето на женската убавина кое што досега беше наметнато кај нас, ќе им ги отвори вратите на зрелите жени, но и ќе ги сруши стереотипите кои што постојат кај нас и во светот.
thumbnail_sani1

И Сани, која што зад себе има триесет годишна кариера, вели дека е презадоволна од соработката, и како жените и во педесттите години можат и треба да бидат производ вреден за внимание.

Не е важна возраста , важен е ставот, самосвеста…..

 
,,Младоста е убава но зрелоста е прекрасна, искуствено докажаниот  став ќе го препознае тимот на модната куќа Елена Лука како моја соствена апологија, но и како себесвојствено чувство за суштината на сопствениот производ. Индивидуалноста на секоја жена, нејзината потреба да биде своја, сопствениот став и харизма, посебниот шарм како бесконечна инспирација за дизајните на оваа куќа бараа да се преточат во приказната во едиторијалот за последната колекција. Јасна и дирекна порака до секоја жена-не е важна возраста , важен е ставот, самосвеста и упатеноста во сопствениот идентитет“, вели за „Фокус“ Богдановска.
 

Ако во 80 –те бевме македонски пандан на супермоделите, вели Богдановска, осамоствестен за својата позиција со временска дистанца потоа, зошто денес свесни за својата реална потентност не би реагирале навремено, самосвесно и легитимно , лишени од латентното чувство на инфериорност .

thumbnail_elena-luka1

„И кога некој од спротива ќе умее навремено да изрегира  и да  се вклучи во глобалните тенденции тогаш добивате производ вреден за внимание. Охрабрувачки сепак изгледа што некој има слух за светските тенденции кога станува збор за модните кампањи. Сосем на линија на најновите рекламни изданија на големите светски модни брендови каде во последно време се ангажираат се повеќе ликови од ерата на супер моделите, и нашиот домашен моден бренд „Елена Лука” имаше чувство за ефективноста на овој тренд“, вели Богдановска.

Заводливо, софистицирано , фантастично

Бев пријатно изненадена, додава манекенката, од потребата да бидам препознаена како лик во нивниот најнов промотивен материјал.

„ Не само поради тоа дека тој гест непосредно упатува на фактот дека жената во т.н. средна возраст  заслужува и може да изгледа софистицирано, но и фантастично и заводливо  во исто време , туку и многу повеќе е упатување дека тоа е момент кога нејзината женственост доаѓа најповеќе до израз. Кога знае и може во исто време. Кога вистинскиот избор на облека ја искажува во сиот нејзин сјај“, – изјави за ,,Фокус“, Богдановска која што на јавноста и е позната како еден од најуспешните модели уште од осумдесеттите години кај нас, а годинава ја промовираше својата книга ,,Моите стории – мојот живот“, во која што се сместени авторски текстови како модни колумни и интервјуа со еминентни личности. 

Новата колекција веќе е пуштена во продажба во атељето на Елена Лука во Скопје, а наскоро ќе биде достапна и во изложбениот салон во Струмица.

Вики Клинчарова
 
 

Поврзани новости