Текстот е објавен на 07 мај 2026 година во неделникот „Фокус“, во бројот 1.596.
Доколку актуелниот предлог-закон за заштита од пушењето биде усвоен, Македонија би вовела речиси целосна забрана за пушење во затворени простории, што ја доближува земјава до најстрогите европски практики. Сепак, се поставува прашањето колку пресликувањето на словенечкиот и други модели што вклучуваат ригорозни мерки и забрани ќе ја постигнат главната цел за намалување на пушењето, со оглед дека беа публикувани студии со наводи дека нелегалната дистрибуција се зголемила откако била забранета продажба на електронските цигари и никотинските ќесички со вкусови и ароми. Згора на тоа, крајно дискутабилно е и изедначувањето на класичните тутунски производи и електронските цигари, не само за дел од домашните експерти, туку и за меѓународната стручна јавност, имајќи предвид дека реномирани научници тврдат оти појава на регулирани незапаливи никотински производи, како е-цигари, создале историска можност за забрзување на крајот на епидемијата на пушење, т.е. за создавање на т.н. „свет без чад“ или „свет без пушење“ до 2040 година. За што поточно станува збор?
Пишува: Влатко СТОЈАНОВСКИ
Иако новиот Закон за заштита од пушењето веќе требаше да биде донесен, односно да почне да се имплементира уште од март, сепак, владата одлучи да го одложи процесот за усвојување на регулативата, со цел да остави простор за консултација со засегнатите страни.
Сепак, според последните најави од Министерството за здравство, кое го изготвува предлог-законот, тој е веќе завршен и се очекува да влезе во собраниска процедура за 2 недели, што значи дека би требало да стапи во сила за околу еден месец.
–Го имаме финалниот текст. Следната среда имаме завршен состанок со сите засегнати страни, по кој ќе продолжи административната постапка на ниво на влада, со цел за 2 недели, законот да влезе во процедура во Собранието – изјави деновиве, министерот за здравство, Азир Алиу.
Додека министерот Алиу тврди дека новиот закон е во функција на намалување на бројот на пушачи и заштита на јавното здравје, како и дека, освен здравствени, ќе има и низа економски придобивки, угостителите, тутунската индустрија и малите трговци изнесоа забелешки.
Конкретно, угостителите, претставени преку Туристичко-угостителската комора при Сојузот на стопанските комори, бараат фазна имплементација на законот, со цел да можат да се приспособат на новите правила, кои се значително поригорозни во споредба со старото и сè уште важечко законско решение.
И покрај тоа што од таму велеа дека вакви закони во светот се спроведуваат во период од 10 до 15 години, а тие бараат во земјава овој рок да изнесува 3 години, сепак, на крајот добија простор за адаптација од една година, со тоа што вреди да се напомене дека власта прифати терасите на угостителските објекти да бидат отворени од 2 наместо од 3 страни, како што првично се предвидуваше.
Потоа, Групацијата за производство на цигари, во рамки на Здружението на производители на тутун и производи од тутун при Стопанската комора на Македонија, забележа дека овој предлог-закон е несразмерен и неусогласен со постоечката законска регулатива, а тоа мислење го делат и некои експерти.
Притоа, од таму посочуваат дека рестриктивните одредби во предложениот закон, не само што нема да ја постигнат декларираната цел за заштита на јавното здравје, туку создаваат услови за зголемување на нелегалната трговија со тутунски и никотински производи.
На крајот, реагираа и малите трговци, кои во иднина нема да смеат да изложуваат тутун или производи што содржат тутун и/или никотин, туку ќе треба да ги обезбедат информациите за ваквите производи, на тој начин што ќе направат список, поточно ценовник, напишан со црни букви од иста големина на бела заднина.
Според нив, законот нуди само забрани, но не и решенија. Како што вели еден од нив во коментар на ЕНЕР, ќе бидат доведени во „неизвесна и хаотична состојба“ поради нагло откажување на веќе потпишаните годишни договори со дистрибутерите на цигари и тутунски производи, што дури може да им предизвика и финансиски колапс.
Малите трговци реагираат: Новиот закон против пушење може да не доведе до финансиски колапс!
СТРАНСКИ ИСКУСТВА
Во претходниот број на „Фокус“ ги пренесовме аргументите на политичките и здравствените власти во поддршка на предлог-законот против пушење, но и ставовите на критичарите на ова законско решение, така што овојпат ќе се задржиме на дел од нивните поенти. За што станува збор и колку тие се основани и издржани?
Перица Голомеиќ од Туристичко-угостителската комора при ССК, меѓу другото, изјави дека бараат фазна имплементација на законот со цел да се подготват за промените и да претрпат што помали последици. Воедно, тој порача да се одбере соодветен модел, а не да се преземаат најрадикалните решенија од други држави.
–Македонската влада треба да ги гледа примерите од регионот. Србија може не е пример, зашто таму секаде се пуши, но треба некој хибрид помеѓу грчкиот, бугарскиот, хрватскиот модел. Да не гледаме закони од Словенија и Шпанија, зашто таму се 15 проценти се пушачи – порача Голомеиќ.
Наспроти тоа, од Министерството за здравство велат дека меѓународните искуства не потврдуваат негативно економско влијание врз угостителството. Така, од таму посочуваат дека истражувањата од Ирска, Словенија и Грузија покажуваат оти по воведувањето сеопфатни забрани за пушење во затворени објекти немало пад во прометот на угостителскиот сектор, туку напротив – во Грузија за 3 години пораснал бројот на вработени и обртот.
Дека македонската влада се повикува на искуства од дел од споменатите земји, потврдува и Нацрт-извештајот за проценка на влијанието на регулативата, каде се наведува: „Компаративните искуства убедливо покажуваат дека smoke-free политиките немаат негативно влијание на угостителството: во Словенија нема забележан пад во прометот, а во Ирска – првата земја со целосна забрана, угостителството не претрпе загуби“.
Исто така, во извештајот се споменуваат искуства и од неколку други земји, односно од Финска, Данска, Холандија и Естонија, каде што, стои во документот на МЗ, нема масовен црн пазар, поради што се отфрлаат дополнителни барања за интервенции, откако претходно било прифатено забраната за ароматизирани производи да се однесува на продажба, но не и на производство и дистрибуција.
Сосема спротивно, Групацијата за производство на цигари тврди дека одредени слабости во предложеното законско решение, особено во делот на усогласеноста со постојната регулатива и прецизното дефинирање на категориите производи, имаат потенцијал „да го нарушат легалното функционирање на индустријата и да генерираат негативни финансиски импликации врз легитимните деловни активности“.
„Согласно нашите анализи, прекумерно рестриктивните мерки не придонесуваат за намалување на стапката на пушење, туку создаваат услови за зголемување на нелегалната трговија со тутунски и никотински производи, како и за снабдување со производи од соседни пазари со непроверен квалитет. Ова, дополнително, носи ризици по здравјето на потрошувачите…“, велат од таму.
Дополнително, од Групацијата додаваат дека ваквиот пристап не е соодветен при креирање нова регулатива, пред сè, како што посочуваат, имајќи предвид дека постојат бројни релевантни меѓународни, регионални и локални истражувања, кои укажуваат на суштински разлики помеѓу традиционалните цигари и производите без чад.
„Имено, искуствата на повеќе развиени земји, како Франција, Ирска, Австралија, Холандија, Белгија и Данска, укажуваат дека воведувањето на високорестриктивни законски решенија во овој сегмент често резултира со значително пренасочување на дел од пазарот кон нелегални и нерегулирани канали“, велат од таму.
СЛОВЕНЕЧКИ МОДЕЛ
Оттука, иако никој нема дилеми околу штетните последици што произлегуваат од пушењето, очигледно постојат различни гледишта како тоа да се намали, без да се зголеми нелегалната трговија. Токму затоа, бизнисот и индустријата, од една страна, и владата и Министерството, од друга страна, се повикуваат на различни компаративни искуства при легитимирањето на нивните спротивни позиции во одредени аспекти.
Па, како е регулирана оваа материја во другите земји и какви се разликите во однос на Македонија? Во таа смисла, директорот на Фондот за здравство, Сашо Клековски рече дека предлог-законот е усогласен со највисоките стандарди на Светската здравствена организација, додека, според регионалните споредби, ја сместува државата веднаш зад Словенија, која, како што вели, важи за лидер во оваа област.
Во анализа што јавно ја презентираше, стои дека Словенија и Хрватска имаат „највисоко ниво на заштита од пушење“, додека Грција и Бугарија „обезбедуваат многу добра заштита“. Во групата земји со „солидна“, но не и „најстрога регулатива“ се вбројуваат Албанија, Косово, Србија и Црна Гора, а Босна и Херцеговина останува со „најслаба заштита“.
Доколку актуелното решение биде усвоено, Македонија би вовела речиси целосна забрана за пушење во затворени простории, со ограничени исклучоци, што ја доближува до најстрогите европски практики. Патем, предлог-законот предвидува и изедначување на електронските цигари и класичните тутунски производи, што е веќе воспоставена пракса во Словенија, Хрватска, Грција и Бугарија.
Инаку, Македонија и Словенија би биле единствени во регионот со забрана на вкусови и ароми кај тутунските и сродните производи. Згора на тоа, предлог-законот оди чекор понатаму и во делот на рекламирањето, со целосна забрана која ги опфаќа и инфлуенсерите на социјалните мрежи, што ја става Македонија во групата земји со најстрога регулатива во овој сегмент.
Сепак, клучниот предизвик останува спроведувањето на законите, со оглед дека и искуствата од регионот покажуваат дека контролата е најслаба надвор од големите урбани центри, во канцелариски простории и во угостителските објекти, особено во ноќните часови и во локали со жива музика, клубови и казина.
–Потребно е да учиме од туѓите искуства и да изградиме систем кој нема само добро напишани закони, туку и доследна примена, со што ќе обезбедиме подобра заштита на здравјето на граѓаните – истакна Клековски, според кого предлог-законот претставува историска можност Македонија да се вброи меѓу лидерите во регионот во борбата против пушењето.
Имајќи го тоа предвид, новиот предлог-закон против пушење црпи искуства од повеќе земји, но власта најмногу се инспирирала од Словенија, која има крајно строга регулатива против пушењето. Колку за информација, таму пред 30 години беше воведена поделба на зони за пушење и непушачки зони, во 2007 година целосно се забрани пушењето во затворени простории, во 2017 година се забрани продажбата на дизајнирани пакувања цигари…
Како како резултат на податоците дека мнозинството малолетници пушат електронски цигари и дека овој број се зголемил за речиси 200 проценти во последните неколку години, пак, словенечките власти во 2024-2025 година забранија и продажбата на загреани тутунски производи и електронски цигари со ароми.
–Истражувањата покажуваат дека електронските цигари ги користат малолетници на возраст од 9 до 11 години. Треба да знаете дека тие му штетат на здравјето и содржат канцерогени соединенија. Главната суровина е никотинот, кој влијае врз срцето и крвните садови, белите дробови и развојот на мозокот, а исто така предизвикува и зависност – изјави Весна Маринко, директорка на словенечката Дирекцијата за јавно здравје.
МЗ: Целта на новиот закон е заштита на јавното здравје од штетните последици на пушењето!
НЕУСОГЛАСЕНОСТ СО ДРУГИ ЗАКОНИ
Меѓутоа, според Групацијата за производство на цигари, законско решение за заштита од пушењето според словенечкиот модел и терк не може да биде апликативно во земјава, од причина што двете држави се разликуваат по многу параметри. Во тој контекст, на што од таму мислат?
Прво, во Македонија суровиот тутун е стратешка земјоделска култура, чие одгледување, производство и откуп се субвенционирани од државата. Второ, во земјава активно работат 2 фабрики за производство на тутунски производи, кои придонесуваат со голем удел во приходите во државниот буџет, извозниот капацитет и вработуваат неколку стотини македонски граѓани.
„Тоа што е заедничко со Словенија е дека и Македонија, како земја кандидат во ЕУ, е под постојан мониторинг и евалуација на позитивното законодавство од страна на телата на ЕУ задолжени за проширување, кои досега нотирале позитивен напредок и висок степен на усогласеност со ЕУ директивите. Еден таков закон е Законот за тутун, тутунски и сродни производи“, велат од таму.
Кога веќе се споменува Законот за тутун, треба да се нагласи дека постојат тврдења за неусогласеност и контрадикторност меѓу овој закон и предлог-законот против пушење. Всушност, за тоа говореше и професорот на Земјоделскиот факултет, Златко Арсов, кој рече дека првата верзија на предлог-законот за заштита од пушењето била напишана како воопшто да не постои Законот за тутун.
–Јас реагирав дека во предлог-законот се употребуваат дефиниции што не се во согласност со Законот за тутун и дека практично Министерството за здравство се меша во некои ингеренции што не му припаѓаат. Во втората верзија на предлог-законот се направени одредени измени, но сепак сè уште не се поправени сите недоследности – рече Арсов.
Главниот проблем, според него, е тоа што во Законот за заштита од пушење се дава сосема нова дефиниција за тоа што е пушење, различна од таа во Законот за тутун, како и во регулативите на повеќето европски земји.
–Министерството за здравство како пушење го дефинира користењето на сите производи со никотин, со што ги изедначува цигарите со уредите за загревање тутун, електронските цигари и никотинските ќесички, иако станува збор за суштински различни производи, кои постојат на пазарот и не може да се занемарат – вели тој.
Впрочем, Арсов посочува дека со новиот предлог-закон дефиницијата за пушење важи подеднакво за сите производи, сосема спротивно од Законот за тутун, кој пушењето го дефинира како поседување или користење на тутунски производ што согорува, без оглед дали чадот активно се вдишува, со што под пушење се подразбира само користењето цигари.
–Научно е докажано дека производите кои не го согоруваат тутунот се помалку штетни од обичните цигари, бидејќи содржината на никотин е многу намалена, уште повеќе е намалена содржината на катранот, а и јаглерод моноксид дури има многу малку. Во атмосферата тие испуштаат многу малку чад во споредба со обичните цигари.
На пазарот се појавија и никотински ќесички, чија содржина е никотин, носачот е целулоза и се додаваат адитиви за арома и вкус. Затоа законското решение треба, освен превенција и укажување дека никотинот е штетен за младите, да даде алтернатива дека некои производи може да се користат во затворен простор, а да не се штетни по здравјето на непушачите – истакна универзитетскиот професор.
КРАЈ НА ЕПИДЕМИЈАТА НА ПУШЕЊЕ
Независно што Словенија и други европски држави имаат строга регулатива која на хартија делува идеално, се наметнува дилемата колку максимално ригорозните решенија можат да бидат контрапродуктивни, ако се знае дека се појавија написи оти нелегалната дистрибуција се зголемила откако лани властите во Љубљана забранија продажба на електронски цигари и никотински ќесички со вкусови и ароми.
Како што пишуваат дел од словенечките медиуми, една година подоцна ваквите драконски мерки резултирале со голем број негативни ефекти и последици, особено поради фактот што корисниците сега употребуваат незаконски вејпови кои воопшто не подлежеле на лабораториски контроли.
„Проценките од истражувањето на Empty pack покажуваат дека во времето пред забраната во Словенија имало приближно 40.000 корисници на ароматизирани електронски цигари. Државниот буџет собирал речиси 4 милиони евра годишно од електронски цигари во 2024 година, а пазарот бил целосно регулиран, како во однос на квалитетот на производот, така и во однос на контролата и продажбата.
Настаните што следуваа по воведувањето на забраната, во голема мера, ги потврдија предупредувањата. Десет месеци по спроведувањето на целосната забрана за ароми, структурата на пазарот на електронски цигари во Словенија значително се промени. Забраната за ароми доведе до криминализација на активност што претходно законски беше регулирана“, објави порталот „Журнал 24“.
Според Empty pack, што претставува собирање и анализа на празни кутии – метод што се користи во истражување за пушење и нелегална трговија, нелегалниот и нерегулиран пазар моментално снабдува приближно 90 проценти од приближно 40.000 словенечки корисници на електронски цигари, со тоа што преовладувале нерегулирани производи главно произведени во Кина.
„Во 2024 и 2025 година, повеќе од 99,7 проценти од е-цигарите на словенечкиот пазар биле легални, што значи дека овие производи биле предмет на строги државни прописи. Овие ограничувања вклучувале проверка на квалитет и состојки, нивоа на никотин, продажба, контрола на продажни места, етикетирање на производи и забрана за продажба на малолетници. Државата го контролирала и пазарниот сегмент со акцизи.
Во февруари 2026 година, дури 87,9 проценти од сите е-цигари на словенечкиот пазар биле од нелегално потекло. Клучната причина за јазот е забраната за ароми, кои остануваат најбараната карактеристика на производот кај потрошувачите и во голема мера ги одредуваат нивните навики за купување“, се додава во статијата.
Истовремено, во студија објавена во специјализираниот магазин „Нејчр“ (Nature Health) се посочува дека глобалните напори за искоренување на пушењето се во застој и се предупредува дека примената на традиционалните стратегии може да чини милиони животи. Во неа се наведува дека околу една милијарда луѓе сè уште пушат низ целиот свет, што резултира со повеќе од седум милиони смртни случаи годишно.
„Десетици докази покажуваат дека изложеноста на чадот од согорувањето, а не никотинот, е тоа што ги предизвикува болестите поврзани со употребата на тутун“, вели еден од авторите на истражувањето (Smoke free nicotine products can accelerate the end of the smoking epidemic) Роберт Биглхол, лекар за јавно здравје од Нов Зеланд и поранешен директор во Светската здравствена организација.
Според ова истражување, алтернативните производи се помалку штетни од цигарите и можат да го забрзаат откажувањето од пушење во голем обем, а земјите што ги прифатиле овие алтернативи (Шведска, Нов Зеланд, Јапонија, Велика Британија, САД), забележале падови на стапките на пушење. Како што се нотира во студијата, брзата појава на регулирани незапаливи никотински производи, како е-цигари, иако не се целосно безопасни, сепак, создале „историска можност за забрзување на крајот на епидемијата на пушење“, т.е. за создавање на т.н. свет без чад или свет без пушење до 2040 година, кога процентот на пушачи би паднал под 5 отсто.