Пред неколку месеци, Владата најави дека отпочнат е процес на донесување на нов Закон за заштита од пушењето, кој ќе биде значително поригорозен во споредба со се уште важечкиот закон донесен пред триесетина година. Иако овој предлог-закон, кој, меѓу другото, предвидуваше забрана за пушење во скоро сите затворени јавни простории, изедначување на електронските цигари со класичните тутунски производи итн., требаше да стапи на сила од март, сепак, Министерството за здравство остави дополнителен период за консултација и усогласување со засегнатите страни, така што министерот Азир Алиу деновиве најави дека финалниот текст ќе влезе во собраниска процедура за 2 недели. Во меѓувреме, додека власта промовира ставови базирани на медицински аргументи дека пушењето е причинител на голем број болести и има фатални последици врз здравјето, што е неспорен факт кој никој не го негира, предлог-законот сепак предизвика негативни реакции. Имено, угостителите бараат фазно спроведување на законските обврски за да претрпат што помали последици врз бизнисот, додека тутунската индустрија предупредува дека овој закон ќе ја стимулира сивата економија и ќе води кон неконтролирана продажба и сериозни загуби за буџетот. На оваа тема, поразговаравме со професорот на Факултетот за земјоделски науки и храна Златко Арсов, кој, покрај останатото, за „Фокус“ вели дека со забраната за пушење на цигари, несогорливи тутунски производи и електронски тутунски производи во разни јавни објекти, ќе се намали буџетскиот приход, како и приходот во угостителските објекти и малите трговски објекти.
ФОКУС: Кои се Вашите главни забелешки кон последната верзија на Предлог-законот за заштита од пушењето, кој, според официјалните најави, треба да влезе во собраниска процедура за 2 недели?
АРСОВ: МЗ, при изработката на новиот ЗЗП, поаѓа од една препорака на ЕУ, а тоа е Препорака на Советот Ц/2024/7425 од 9 декември 2024 за средини без чад и аеросол (ОЈ Ц, Ц/2024/7425, 12.12.2024) (ЦЕЛЕЏ 32024Х07425).
Со оваа препорака, која, пак, ја наведува Рамковната конвенција за заштита од тутунот, се цели да се забрани користењето на електронските цигари (популарно наречени вејпови), како и несогорливите тутунски производи (греени тутунски производи, од типот на ајкос како кај нас популарно се познати) во сите затворените јавни простори. Со цел да се оствари средина без тутунски чад и аеросол.
Аеросолот во смисла на оваа препорака, потекнува од електронската цигара и несогорливите тутунски производи.
Насоките од оваа препорака земјите од ЕУ треба постепено да ги имплементираат во рок од 3 години, значи до 2027 година, во своите локални закони против ограничувањето на пушењето.
Оваа препорака наведува и други цели кои треба да се остварат како: јакнење на јавната свест против пушењето, осмислување на кампањи, проекти, за намалување на изложеноста на тутунски чад и аеросол итн.
Препораката не е обврзувачка за земји кои не се членки на ЕУ.
ФОКУС: Дали ова законско решение може да се смета за ригорозно во споредба со регулативите во други земји и колку тоа е апликативно во Македонија?
АРСОВ: Со Законот за заштита од пушење (ЗЗТ), Министерството за здравство се надеваше дека ќе направи некој голем исчекор, гледано од аспект на здравјето на граѓаните. Од кои причини, не е јасно. Ниту сме членка на ЕУ, ниту ќе бидеме во догледен период.
Дали се работи за некој проект, за кои се земени некои средства од ЕУ или СЗО, па треба да се оправдаат, не е јасно, или пак некои си прават кариера и политички маркетинг и го загрозуваат тутунското стопанство во РСМ.
Со постојниот закон за ЗЗП од 1995, кој е менуван и дополнуван се до 2018 година, се остварува доволна заштита, ако истиот доследно се применува, а сведоци сме дека тој до крај не се применува и се изигрува. Но, од друга страна, секој закон има век на траење и можеби беше време истиот да се осовремени преку нов ЗЗП.
Неофицијално, како урнеци за предлогот на ЗЗТ, се земени примери на такви закони од Словенија и Ирска, земји каде никогаш во историјата не се одгледувал тутун. Се шпекулира дека СЗО на земјите потписници на Рамковната конвенција за заштита од тутунот им дава готови урнеци од ЗЗП за примена.
На пример, Ирска во светски размери е позната како производител на виски од јачмен, (јачменот таму релативно добро успева), овчко месо, компири и така речено ништо друго од аспект на земјоделието. И ден денес, ирската популација се иселува во САД, бидејќи индустријата и економијата таму не се кој знае какви. Во САД и во сегашноста се добро примени, бидејќи се од католичка популација.
Во Словенија постоеше една фабрика за производство на цигари во Љубљана, основана во 1877 година, со традиција до моментот на затворањето (во 2004) од преку 120 години. Но, бидејќи Словенија никогаш не била некој производител на тутун, по влезот во ЕУ, се најде во ситуација каде ќе има пазар да ги пласира цигарите.
На поранешниот ЈУ-пазар веќе не беа добро прифатени. Па, фабриката по приватизацијата и продажбата на „Империал Тобако“ од Велика Британија се затвори. Денес објектите на фабриката се Културно-забавно-уметнички и алтернативен центар. Заштитени се како стара индустриска архитектура. Ако беа кај нас, веќе ќе беа разрушени и претворени во нови станбено-деловни комплекси.
Значи, ова решение е ригорозно за овој период. Не би се осврнувал за решенија во други земји, соседни и несоседни, кои се членки на ЕУ, каде има одредени решенија не само за пушењето туку и за други области кои во овој момент се апсолутно неприфатливи за РМ.
ФОКУС: Со кои други закони е неусогласен овој предлог-закон и во кои делови е контрадикторен со Законот за тутун, производи од тутун и сродни производи, како што беше јавно предочувано?
АРСОВ: Со последните усогласувања направени до 05.05.2026 година, ЗЗП веќе не е во контрадикција ЗТПТСП.
Проблемот се јави затоа што МЗ не се консултираше со МЗШВ, како и со стручната фела при изработката на ЗЗП. Наметна дефиниции и поими кои беа во спротивност со ЗТПТСП, кои дури и можеа да направат штета на откупните претпријатија.
Но, по реакциите од стручната и научната фела, тутунското стопанство, разликите се надминаа. Но, во јавноста се створи слика дека МЗ и МЗШВ не се на иста страна.
Клучни несогласувања на пример беа:
– Тутун како општ поим, без да се дефинира на што се мисли, дали е тоа необработен тутун (суров тутун) за откуп со легални договори, обработен тутун-тутунска суровина или пак нелегално произведен тутун;
– Наметнување на дефиниција дека освен пушење на класични тутунски производи кои согоруваат пушење е и консумација на аеросолот од електронска цигара и несогорливиот тутунски производ, што беше неприфатливо;
– Во претходно наведената Препорака од ЕУ постои јасна дистинкција меѓу чад од пушење и аеросол од електронски цигари и греени тутунски производи;
– Влегување во регулација на адитиви за вкус и арома, што е домен на ЗТПТСП.
ФОКУС: Дали електронските цигари треба да се бидат изедначени со класичните тутунски производи? Односно, дали тие претставуваат нова зависност или пак помала штетна опција со помош на која патем пушачите може да се откажат од пушењето?
АРСОВ: Електронската цигара во принцип е помалку штетна од класичните цигари, ако дисциплинирано се користи. Таа во течноста што испарува и аеросолот што се инхалира може да содржи никотин или да не содржи (има електронски цигари само со ароми).
Содржи разни ароми кои во принцип се нештетни, но предизвикуваат атрактивност и желба за консумација. Не содржи катрани и други соединенија кои се канцерогени и се застапени во класичните тутунски производи.
Дека е средство за одвикнување, во права смисла на зборот, не е. Таа е еден вид на алтернатива на класичното пушење.
ФОКУС: Колку, според Вас, се издржани и оправдани забелешките и критиките на угостителскиот сектор, тутунската индустрија и малите трговци дека овој закон ќе предизвика штетни економски последици врз бизнисот и економијата и воедно ќе ја стимулира нелегалната трговија со тутунски производи?
АРСОВ: Со забраната за пушење на цигари, несогорливи тутунски производи (пример ајкосите), како и електронските тутунски производи во разноразни јавни објекти, ќе се намали буџетскиот приход, како и приходот во угостителските објекти и малите трговски објекти. Не можам да ги разберам угостителите и нивната релативно блага реакција.
На пример, јас како пушач, ако не би можел да консумирам некој тутунски или сроден производ во угостителски објект, не би седел повеќе од 1 час, па дури и не би го посетувал. Помалото време поминато во угостителскиот објект, би значело помала потрошувачка на храна и пијалок, односно помал приход за објектот, па во краен случај и за државата, бидејќи угостителските објекти се и даночни обврзници.
Забраната за пушење во касина и кладилници воопшто не е во ред. Во такви објекти одредена група на граѓани оди да се релаксира и да ги задоволи своите страсти, да потроши пари, за сметка на семејството. Кога на тие граѓани не им е грижа за семејството, нема што тоа нешто (пушењето) да се анализира од здравствен аспект. Но, што ќе правеле вработените во тие објекти, па тие биле изложени на тутунскиот чад. Па, би рекол, има многу други работни места. Ако ти смета пушењето, не мораш таму да работиш. Тие што работат во коцкарската индустрија, воопшто не се за жалење.
Дека би се стимулирала нелегалната трговија со тутунски производи, не гледам логика, затоа што нелегалната трговија со тутунски производи поаѓа од друга логика, односно заобиколување на давачките кон државата и нелегално богатење. Таа секако одамна постои во Македонија, каде на зелените пазари се продава режан тутун за рачно виткање на цигари. Кај нас има многу ретка појава за продажба на нелегално произведени тутунски производи.
ФОКУС: Од друга страна, Владата и МЗ тврдат дека овој закон, освен здравствени ќе донесе и економски придобивки, а притоа компаративните искуства покажале дека во земјите каде биле воведени рестриктивни норми и забрани не се зголемила нелегалната трговија. Како ги оценувате овие тврдења?
АРСОВ: Не се согласувам дека ќе има економски придобивки.
Да, решението е ригорозно и е апсолутно неприменливо за РМ. Во земја каде имаме така речено огромно производство на тутун, каде населението наоѓа егзистенција во производството на тутун, забраните не се практични. Нашето производство на тутун е толку големо, т.р. и бебињата да пушат не можеме да го потрошиме тутунот што го произведуваме.
Но, извозот е балансер. Преку извозот на тутун и тутунски произоди-цигари остваруваме приход од преку 120 милиони евра на годишно ниво. Бидејќи со храна сме увозно зависни. Увезуваме храна од преку 500 милиони евра (пилешко, морски риби, па во последно време, грав, леќа, компири, итн), со извозот на обработен тутун и тутунски производи се балансира негативниот трговски дефицит во прехранбените производи.
Од друга страна, тутунските производи-цигарите се оптеретени со високи давачки, акциза, ДДВ, тоа е огромен приход во буџетот на РМ со десетици милиони евра. На пример, ако некоја марка на цигари има малопродажна цена од 200 ден., за државниот буџет се 140 ден. чисти пари, платени претходно, односно уште пред настанувањето на малопродажбата.
Не треба да заборавиме дека во државата функционираат две фабрики за цигари, неколку претпријатија за трговија на големо со тутунски производи, во кои се вработени поголем броја на лица.
Разговараше: Влатко СТОЈАНОВСКИ