Филипче бара помош од евроамбасадорот Рокас против власта во Македонија

by irena 13:36
13:36

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на денешната седница на Националниот совет за евроинтеграции го повика евроамбасадорот Михалис Рокас да помогне во интерес на граѓаните и европската иднина на земјата посочувајќи дека на Македонија ѝ е потребна помош од ЕУ во соочувањето со пропагандата со која власта со години ги претставува чекорите кон членство во ЕУ како предавство.

„И сега ќе го повикам тука на помош и можеби да коментира во даден момент кога ќе сака евроамбасадорот Рокас. По примерот на претседателката Фон дер Лајен којашто кажа дека нас не чекаат во Европа со нашиот идентитет и јазик. Зарем не е тоа најдобар и најголем сигнал дека оваа политика на оваа власт изминативе години, не само од 24, туку и претходно, дека сѐ што направи СДСМ е предавничка политика, практично паѓа во вода.“ рече Филипче.

Тој посочи дека со обвинувањата на Христијан Мицкоски и на владејачката гарнитура дека СДСМ водел предавнички политики, индиректно се обвинува и Европската Унија дека уценува земја кандидат за членство.

Филипче потсети на пораката на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, дека Македонија ја чекаат во Европа со својот идентитет и јазик.

„Зошто никој не збори за Европа? Па затоа што синоним за Европа стана предавство благодарение на оваа пропаганда. Тоа стана Европа. Чекај да не зборам, ќе ме направат предавник. Зошто? Затоа што виткам кичма“, рече Филипче.

Филипче посочи дека на Македонија ѝ е потребна помош од ЕУ во соочувањето со пропагандата со која власта со години ги претставува чекорите кон членство во ЕУ како предавство.

„Предавничка ли е, амбасадоре, тоа што треба да се случи? Има ли предавство зад уставните измени или нема? Треба помош од вас? Нас ни треба, на државата ѝ треба, на граѓаните, на Европска унија ѝ треба помош“, рече Филипче.

 

Слични вести