Електронски достапни 127 услуги од институциите

by fokus

Секогаш први на ред. Нема повеќе – кој ќе чека пак, е мотото на Националниот портал за електронски услуги, што е во функциија од денеска, преку кој Владата ветува побрзи и поефикасни услуги за граѓаните од администрацијата. Преку новата алатка само со една најава, корисничко име и лозинка, засега може да се добијат 127 електронски услуги од 28 институции, но и да се плаќаат административни такси.

Само преку овој портал ќе биде достапна и услугата за добивање на еден од 10-те илјади инвертори кои ги доделува Владата со цел да се намали загадувањето на воздухот. Електронски ќе може да се добијат голем број потврди од Министерството за труд и социјална политика, да се објават неважечки документи од „Службен весник“, да се издаваат потврди и М1, М2 образец од Агенцијата за вработување, да се земе односно извади М4 образецот од ПИОМ, да се проверат лични податоци од Централниот регистар на население добиени од вкрстување на податоците од Управата за водење на матичните книги, Министерството за внатрешни работ и Централниот регистар.

– Целта на системот за единствена најава е дека преку еден портал граѓаните и фирмите користејќи едни и исти корисничко име и лозинка и дигитален сертификат ќе имаат пристап до сите услуги од сите институции – многу просто и многу едноставно. Нема повеќе кој ќе чека, нема повеќе редот од позади, нема повеќе ви фали барање, нема повеќе губење време и нема повеќе само да прашам. Овој број секојдневно ќе се зголемува. Се работи и на други услуги од Министерството за внатрешни работи, Управата за јавни приходи, Министерството за труд и социјална политика, Управата за водење на матични книги. До крајот на годината ќе имаме уште 20-ина нови услуги достапни на порталот, информира на прес-конференција министерот за информатичко општетество и администрација Дамјан Манчевски.

За регистрација на порталот и пристап до сите можности што ги нуди е потребна електронска идентификација, односно ИДИ профил, што го поврзува идентитетот на граѓанинот при процесот на регистрацијата. На тој начин секој граѓанин само еден и единствен пат ќе треба да ги провери и потврди своите податоци кои се потврдуваат во Централниот регистар на население. Сите граѓани моментно имаат активна корисничка сметка во УЈП и веќе имаат активен ИДИ профил односно можат да се најават на профилот користејќи го корисничкото име и лозинката од УЈП. За нив услугите од порталот се веќе достапни. Дополнително профилот може да се добие и со поседување дигитален сертификат што во моментов кај нас ги издаваат КИПС и Телеком, а наскоро и на шалтерите на општините, едуцирани за оваа намена, во канцелариите за една точка за услуги, а од почетокот на следната година и во салоните на Македонски телеком. При создавање на ИДИ профилот во регистарот на население се креира и единствениот електронски број на граѓанинот.

Министерството за информатичко општество и администрација ги спроведе активностите со финансиска поддршка од Европската унија, како и Британската амбасада во Скопје.

Поврзани новости