Екстерна државна авантура, реформа на реформите

by Фокус

Речиси два месеца во државава се водат некакви квaзиинтелектуални дискусии за некакво тестирање на студентите во втора и во четврта година, кое на почетокот беше најавено како екстерно тестирање, за по бурната и масовна реакција на студентите наеднаш да биде преименувано во државен испит, кој ќе се полага по втора и четврта година. Притоа, во последниве неколку дена се изнаслушавме дека некои се загрижени за квалитетот на знаењата на сегашните и на идните студенти, а како причина за својата загриженост истакнуваат дека на многу универзитети студентите без знаење добиваат деветки и десетки, со што е загрозена нивната иднина. Не треба да си многу умен, па да заклучиш дека еве некои лица се грижат за квалитет. Но, дали може да им се верува на овие кажувања?

За другите не знам, но јас лично не верувам, бидејќи сѐ уште ми одѕвонуваат зборовите искажани при воведувањето на екстерното тестирање за основното и за средното образование, кога како причина се наведе дека е време да се стави крај на петкоманијата. Но, што се случи? Наместо да се стави крај на притисоците на наставниците по секоја цена да пишуваат петки, се покажа дека крајната цел на оваа акција на државата всушност е да се има инструмент за контрола и постојана пресија врз наставниот кадар, бидејќи секоја година по сила на закон се казнува една „мала“ група, од замислете 20% од вкупниот наставен кадар, кој во основното и во средното образование брои околу 24.800 наставници.

Како што можеме да видиме, искажаните зборови се менуваат по потреба и притоа за некои од нив не се нуди никаков аргумент. Имено, најчесто од ракав се дава оценка за некој општествен потсистем, без притоа да се има каква било анализа или да се понуди валидно објаснување за ваква или за слична реторика, која резултира со една разурнувачка акција. Затоа, без да судиме дали и колку некои лица сериозно ја одработиле задачата за која самите ја побарале довербата од граѓаните, ќе се потпреме на бројките, бидејќи тие се единствен квантитативен и квалитативен показател, кој овозможува да се добие релевантен одговор за тоа каде е проблемот и кој го направил. Јасно, бројките со чија помош ќе се обидеме да најдеме каков таков реален одговор на бројните отворени прашања се оние кои се публикувани од Државниот завод за статистика, но и некои податоци кои се преземени од веб-страните на МОН и постојните универзитети, што само по себе значи дека податоците се релевантни.

Алгоритам за уништување на високото образование

Но, да тргнеме прво од наводната нечија загриженост за квалитетот на високото образование. Пред да се осврнеме на расположливите податоци, ќе напоменеме дека при разгледувањата е исклучен Медицинскиот факултет во Скопје. Причина за ваквиот пристап лежи во фактот дека на овој факултет години наназад бројот на наставниците бил од 10-15%, а бројот на соработниците од 14-10% од вкупниот број наставници и соработници во високото образование во Македонија, а овој факултет реализира само 5 студиски програми, од неверојатниот број од над 1450 акредитирани програми за прв и втор циклус на студии.

Според расположливите податоци, во периодот пред континуираните реформи што нѐ зафатија почнувајќи од септември 2006 година, бројот на високообразовните установи во Македонија бил околу 38, при што во академската 2006/07 година тој се искачил на 45 факултети и високи школи. Меѓутоа, веќе следната 2007/08 година, овој број изнесува 79, за во 2008/09 година се зголеми на 94 и така континуирано зголемувајќи се да достигне бројка од неверојатни 122 факултети и високи школи во академската 2012/13 година, што сакале некои да признаат или не, ова не е ништо друго, туку алгоритам за уништување на високото образование. Имено, не треба човек да е многу упатен, бидејќи и на секој лаик му е јасно дека ниту далеку поразвиени држави во период од само шест години не можат да обезбедат кадар за нови 78 факултети и високи школи.

Последица на ваквата негрижа, сериозно зачинета со бројни популистички реклами за опфатот на завршените матуранти во високообразовните институции е несразмерниот пораст на бројот на наставниците и соработниците, виза ви порастот на бројот на високообразовните установи. Имено, ако до академската 2006/07 година овој број бил релативно константен и се движел околу 1.420 наставници и 800 соработници, тој број во следниот период незначително се зголемил и во академската 2012/13 година вкупниот број наставници изнесува 1974, а на соработници 921.

Што ова значи, не треба посебно да се говори, но ќе напоменеме само дека пред да не заплиснат реформаторските процеси по високообразовна установа имало просечно околу 39 наставници и 21 соработник, а додека од почнувањето на реформите овие бројки постојано опаѓаат, па така денес просечно по високообразовна установа имаме 16 наставници и 7 соработници. Е за ова некои персони треба не само да чувствуваат, туку и да сносат одговорност, особено ако се има предвид дека претходно изнесените податоци се однесуваат на сите лица кои се вклучени во образовниот процес (вработени и визитинг наставници и соработници).

Одговорноста е во МОН

Пред некое време, еден мој познаник ми прокоментира дека можеби ваквата состојба е последица на воведувањето на ЕКТС. Нема посебно да се задржувам но овој феномен, но добро е да се знае дека ова нема никаква врска со ЕКТС и дека неговото воведување определени персони континуирано го користат за давање бомбастични изјави и манипулација со јавноста. Имено, значајни новини во ЕКТС се само воведувањето на кредитите, кои треба да служат како информација за времето кое студентот треба да го потроши за да совлада определен предмет и оценувањето, т.е. знаењата изразени во проценти од наставниот материјал, што треба да послужи како информација за стекнатите реални знаења на субјектите од европскиот образовен простор. Притоа, важно е да се напомене дека според ЕКТС се оценуваат реалните знаења, а не присуството и активноста на часовите, како што реформаторите тоа го направија во нашето високо образование.

Но, да се навратиме на вкупниот број од 1.974 наставници и 921 соработник што ја реализираат наставата во високото образование. Вистинското значење на овие бројки може да се види доколку истите се компарираат со бројот на студиските програми од прв и од втор циклус кои се реализираат во високото образование. Така, според расположливите податоци, повторно без Медицинскиот факултет во Скопје, на високообразовните установи во Македонија се реализира настава на 692 програми од прв циклус и 762 програми на втор циклус на студии. Последното значи дека просечно 2,85 наставници реализираат студиска програма од прв циклус, а додека кај студиските програми од втор циклус овој просек е 2,59 наставници, при што станува збор за истите наставници. Јасно, состојбата со соработниците е драстично полоша и тука имаме 1,33 и 1,21 соработници по студиска програма од прв и втор циклус соодветно, при што повторно станува збор за истите соработници.

Имајќи ги предвид овие податоци, логично е човек да се запраша дали некои персони навистина чувствуваат одговорност или дека станува збор за акција која има сосема поинакви цели. Имено, согласно позитивните законски прописи дозвола за работа на високообразовна установа дава МОН, па оттука е нејасно зошто е обидот одговорноста за состојбите во високото образование да се адресира на друго место, кога токму МОН ги има сите погоре изнесени податоци. Единствено нешто на што можам да помислам е дека одговорните или не сакале или не знаеле да ги прочитаат податоците и да ги направат погоре изнесените елементарни пресметки, за што и во двата случаи треба да сносат сериозни последици.

Многу работа, малку квалитет

Но, малку подетално да ја погледнеме состојбата со програмите и расположливиот фонд на часови кои од истите произлегува. Согласно позитивните законски прописи, наставата на прв и втор циклус подразбира целосно реализирање на предавања и вежби и дека согласно Законот за високо образование (ЗВО) наставата седмично трае најмалку 20 часови предавања и вежби. Оттука, ако се земе предвид дека имаме 227 тригодишни и 457 четиригодишни студиски програми на прв циклус, односно 501 едногодишна и 259 двегодишни програми на втор циклус, тогаш лесно се доаѓа до бројката дека на високообразовните установи во Македонија седмично треба да се реализира настава по околу 25.000 часови на прв и 10.000 часови на втор циклус и тоа без истурените паралелки, кои значително го зголемуваат бројот на наставните часови. Последното значи, дека просечниот број часови по наставник на прв циклус е најмалку 13 часа, а на втор циклус тој просек изнесува 5 часа, се разбира без дополнителните часови кои освен на УКИМ се реализираат во истурените одделенија на речиси сите високообразовни установи.

Состојбата со соработниците е уште подрастична, и тука имаме најмалку 27 часа вежби на прв циклус и 11 часа вежби на втор циклус. Не треба да си многу умен, па да заклучиш дека при вакво оптеретување на наставниот персонал не може ни да стане збор за квалитет и дека состојбата во која е доведено високото образование во најмала рака е катастрофална, да не кажам драматична. Оттука, некој треба да објасни како е дојдено до оваа катастрофална состојба, која според расположливите податоци е предизвикана по академската 2006/07 година, што значи од лицата кои денес ете одненадеж чувствуваат одговорност. Дали оваа господа има барем малку грижа на совест од хаосот кој го предизвика во високото образование. Секако не, па затоа и обидот за воведување на некакво екстерно тестирање или државен испит е ништо друго, туку само пренасочување на одговорноста кон трети лица или пак има некоја скриена цел, која кореспондира со целта на акцијата од пред три-четири години, кога имаше обид сите универзитетски професори да се прикажат како неспособни и корумпирани персони. Колку ниско? Каква дрскост?

Ајде пак да се вратиме на загриженоста на некои лица за квалитетот на високото образование. Имено, во неколку наврати имавме можност да слушнеме како треба да се стави крај на купувањето на дипломи, при што посредно, но и директно како главни виновници за неквалитетот во високото образование се посочуваа приватните високообразовни установи. Без претензии некого да напаѓам или бранам, бидејќи за тоа е потребна сериозна анализа, повторно ќе се задржам само на бројките. Имено, според официјалните податоци во периодот од појавата на приватните високообразовни установи до 2013 година во Македонија вкупно дипломирале 85668 студенти, и тоа 78001 студент на државните и 7667 студенти на приватните високообразовни установи. Тоа значи дека 9% од дипломираните студенти отпаѓаат на приватните високообразовни установи, па останува нејасно како овие 9% толку го уназадиле квалитетот на дипломираните кадри и колкаво е нивното влијание на пазарот на трудот.

Уште понејасно е врз кои критериуми 20% е мала бројка на казнети наставници, а 9% дипломирани студенти на приватните високообразовни установи е толку голем процент, што ете нешто треба да се превземе и тоа ни малку ни многу туку акција со која сакал некој да признае или не, директно се руши високообразовниот систем на Македонија. Понатаму, што станува со вкупниот број студенти. Какви се тука бројките и каква е структурата по студиски години. Според официјалните податоци до академската 2005/06 година вкупниот број на студенти просечно бил 49000, при што во прва година просечно се запишувале околу 13000 студенти, за да во втора година просечно преминувале околу 11500, потоа во трета околу 9700, во четврта околу 7800, во петта околу 1000 и бројот на апсолвентите просечно изнесувал околу 5100.

Се чини дека ова е сосема природен процес, кој и тоа како е нарушен со реформаторските зафати. За што станува збор? Имено, почнувајќи од 2007/08 година, кога благодарение на реформите имавме масовно отворање како на факултети, така и на истурени одделенија во прва година просечно се запишувале околу 18500 студенти, со тоа што последниве две години тој број забележително опаѓа. Меѓутоа, проодноста на студентите е драстично намалена, па така во втора година просечно имаме околу 14200 студенти или околу 77% наспроти 88% во претходниот период. Вакви намалувања, со мали исклучоци кај проодноста во трета година можат да се забележат и во останатите студиски години, со тоа што драстично е намален бројот на апсолвентите, кое намалување може да е резултат на многу нешта, но се чини дека најмногу се должи на фактот дека кај тригодишните студии скоро и да не се брани дипломски труд, иако тоа е законска обврска.

Проблемите нема да се надминат со екстерно тестирање

Имајќи го предвид претходно изнесеното може да се заклучи дека досегашните реформи предизвикаа сериозни проблеми во високото образование. Притоа повеќе од јасно е дека проблемите не можат да се надминат со најавеното екстерно тестирање, односно според новата реторика државен испит. Имено, според постојните законски прописи, во сите сегменти од општеството каде што е присутен јавниот и државниот интерес вакви испити постојат. Така, на пример, постојат соодветни испити за лекарите, наставниците во основното и средното образование, државните службеници, сметководителите, адвокатите, нотарите и извршителите, постои академија за судии и обвинители итн., па оттука не е јасно кому и зошто е потребен ваков испит и која е целта за негово воведување, освен ако истиот со некој хокус покус не се трансформира во испит со кој ќе се постигнат истите цели како се екстерното тестирање во основното и средното образование. Но, што е тука е. Како тргнала работата некој оваа безмалку неразумна идеја се обидува да ја реализира по секоја цена, па затоа малку да се навратиме на самиот испит.

По бројните хаотични изјави добивме и нешто поконкретно. Имено, ќе имаме државен испит и истиот ќе го спроведува Одборот за акредитација и евалуација (ОАЕ), т.е. ова тело ќе ги составува прашањата. Ајде да видиме каква е тука состојбата. Согласно ЗВО во ОАЕ може да членуваат најмногу 20 универзитетски наставници, кои ако се почитува членот 112, став 14 од ЗВО може да составуваат прашања од научната област за која се компетентни или од сродна научна област. Оттука, според Фраскатиевата класификација овие луѓе треба да бидат компетентни за 6 научни полиња, кои содржат 88 научни подрачја и дури 1101 научна област. Последното значи дека секој член на ОАЕ треба да биде компетентен за 4-5 научни подрачја, односно за неверојатни 55 научни области. Понатаму, колку е ова небулозно, односно колкаво незнаење покажуваат иницијаторите на оваа таканаречена реформа, говори и фактот дека научните полиња математика, информатика и компјутерска техника и информатика имаат вкупно 37 научни области, па според овој предлог не преостанува ништо друго освен еден член на ОАЕ „компетентно“ да состави прашања за сите овие “сродни” области и притоа да се погрижи и за уште 18 други научни области, кои ете некој ќе му ги наложи.

Можда ова е чудно, но во најмала рака е дегутантно и трагикомично, бидејќи ако се погледне состојбата со научните области во полињата Економски науки и Организациони науки и управување (менаџмент) ќе се види дека тие вкупно содржат 51 научна област, па не останува ништо друго освен некој „генијалец“ да составува прашања за: маркетинг, менаџмент, јавни финансии, сметководство, економски развој, меѓународна економија итн. Зошто „генијалец“? Па, се сомневам дека некој професор со сериозен научен кредибилитет ќе си земе за право себе си да се прогласи за компетентен за се и сешто, а тоа најмалку може да се очекува од професорите кои имаат трудови во квалитетни списанија со висок импакт фактор. Но, доколку не дај боже вакво нешто се случи, тогаш во оваа постапка останува нејасно кој ќе ги предлага прашањата за студентите на кои им предава токму овој професор. Имено, дури и да се прашањата однапред познати, идеја која сама по себе девалвира било каков испит, бидејќи логично е тежиштето на прашањата да биде согласно содржините кои ги преферира дотичниот професор.

Понатаму, како овој професор, доколку држи до себе пред научната јавност ќе оправда дека со прашања со заокружување успеал да ја оцени стручната и научната зрелост, на пример во физика, каде истата се оценува со решавање на задачи, реализирање експерименти и докажување на закони, односно со прашања со кои се оценува способноста за анализа, синтеза и оценка на научност. Исто така останува нејасен и последниот предлог за девет члена на ОАЕ, ако 20 професори не можат да ја обават работата, како тоа ќе го направат девет? Како девет професори ќе покријат 1101 научна област, или во просек по 122 научни области за секој член? Има ли некој поима што предлага или важно е да се предложи нешто, па макар и глупост?

„Генијални“ идеи со сериозни недостатоци

Како што може да се види, ваквите „генијални“ идеи имаат сериозни стручни и научни недостатоци. Меѓутоа за воља на вистината имаат и технички и организациони недостатоци. Имено, дали од непознавање на образовниот систем или од некои други причини, кои барем јас не можам да ги видам промоторите на идејата најавија полагање после втора и четврта година на студии и тоа колку што ме држи сеќавањето на 14 предмети со по 100 прашања, со што ќе биде опфатена програмата до втора година и на исто толку до четврта година. Па зошто непознавање на системот? Затоа што скоро сите студиски програми имаат по 10 предмети во една студиска година, што значи дека станува збор за 20 предмети, па не е јасно според кои критериуми некои предмети ќе бидат прогласени за помалку важни, кога тоа не е согласно со ЕКТС. Уште понејасно е што станува со бројните изборни предмети, кои согласно ЗВО зафаќаат 40% од студиската програма. Понатаму, како ќе се реши проблемот кога во една студиска програма една содржина е во еден предмет, а во друга студиска програма е во друг предмет. Прашања има многу и останува нејасно дали промоторите на оваа таканаречена реформа имаат претстава што зборуваат и што е се потребно за да се дојде до ниво за ваква проверка, која како што веќе реков е непотребна.

Што се донесува до самата проверка, беше кажано дека ќе биде после втора и четврта година. Оттука повторно прашањето, дали промоторите на оваа небулозна акција воопшто го познаваат образовниот систем? Имено, за што станува збор? Според официјалните податоци 33% од студиските програми на прв циклус се тригодишни, па нејасно е што ќе се прави со овие студенти. Имено, колку што се моите скромни знаења од образование, а и според консултациите кои ги направив со колегите токму во завршната трета година студентите се здобиваат со знаења кои ја детерминираат струката и кои се од пресудно значење за нивниот професионален развој. Токму затоа е нејасно што со овие студенти, нив ќе ги тестираме на целата студиска програма или за нив ќе имаме посебен аршин, како што тоа е случај со екстерното тестирање и интерната проверка во основното и во средното образование.

Е, драги господа, ако ова не ви се доволни аргументи за небулозноста на таканаречената нова реформа, која не е ништо друго, туку само замајување на јавноста и одвлекување на нејзиното внимание од вистинските проблеми на граѓаните, тогаш би додал уште нешто. Во последните изјави некој се обиде срамежливо вината за состојбите да ја алоцира кај ОАЕ. Колку провидно, па ОАЕ не ги скрои законските решенија според кои се гмечи образовниот систем. ОАЕ не ги постави работите наопаку, бидејќи според сите нормални текови прво се креира системот, а потоа се носат законски решенија кои ќе овозможат конзистентно функционирање на системот и намалување на можноста од ентропија на истиот. Меѓутоа, вие правите токму обратното, т.е. носите законски решенија кои ја зголемуваат ентропијата на системот, а потоа според онаа народната – Држете го крадецот – барате вина на друго место.

Немам претензии да го бранам ОАЕ, бидејќи како дел од овој хаос кој е предизвикан изминативе години сноси определена одговорност. Меѓутоа, треба да се биде разумен. Ова тело, квалитетно или не изминативе три години разгледало и оценило 1.454 програми. Колкав обем на работа е тоа, доволно е само малку да се знае што се содржи една програма и што подлежи на оценка при акредитацијата. Последното има дополнителна тежина, бидејќи колку што мене ми е познато сите универзитетски наставници, членови на ОАЕ, се активни, т.е. редовно ги извршуваат своите работни обврски на факултетите. Но, зошто да не ги обвиниме уште за нешто друго. Еве, на пример не е оформен Советот за финансирање на високото образование, па зошто овие луѓе да не бидат виновни и за тоа.

На крајот од ова мое писание, не ми преостанува ништо друго, освен да апелирам да престанете по ваш терк да го реформирате високото образование, бидејќи ако вака продолжите да правите реформи на реформите, само придонесувате за негово систематско уништување. Не мислам дека овој мој апел ќе го земете предвид, но, сепак, треба да се има на ум дека штетата што ја прават луѓе со мало незнаење може да ја поправат луѓе со големо знаење, а штетата што ја прават луѓе со големо незнаење, може да ја поправи само Господ. Да се молиме Господ да не кренал раце од нас.

д-р Самоил Малчески

Поврзани новости