Експертите загрижени: Без матура нема да знаеме дали оваа генерација е подобра или полоша од претходната!

by Fokus

Корона вирусот во земјава нанесе голема штета врз сите сектори во општеството, а потфатено беше и образованието.

Полагањето на државна матура за оваа година нема да го дочека светлото на денот, откако МОН вчера „пресече“ да го укине, а наставата ќе продолжи онлајн до завршувањето на учебната година.

Ваквата одлука ги подели мислењата на експертите и просветните работници во Северна Македонија.

Поранешниот заменик-министер за образование, Петар Атанасов за „Фокус“ смета дека откажувањето на матурата е голема слабост.

Матурата е еден од подобрите проекти на нашиот средношколскиот систем. Таа е добро дизјанирана, барем според својата намена и добро спроведувана од страна на Државниот испитен центар. Таа служи за да покаже колку учениците ја совладале наставната програма и дава насока за влез во високото образование. Ова сега целосно се губи, како логична последица на тоа што учениците не се на настава веќе подолго време. Со матурата се одредуваше кои деца ќе одат на природно-математички науки, а кои на општествено-хуманистички“, вели Атанасов.

Тој додава дека треба да се спроведе матурата како пробен проект, но да биде анонимна.

Без матурата ќе останеме без одговор на прашањето дали оваа генерација на средношколци е подобра или полоша од претходната, што обично служи за креирање на образовните политики. Мој предлог, би бил сепак да се спроведе матурата како пробен проект, на мал примерок, преку достапните дигитални алатки и да биде анонимна“, посочи поранешниот заменик министер за образование.

И покрај одлуката за онлајн-настава до крајот на годината, Атанасов вели дека нашиот систем не е подготвен за ваквите алатки.

Секој оној што ќе ги натера децата да се вратат на училиште би преземал голем ризик за здравјето и на децата и на наставниците и на семејствата. Можеше да се очекува една ваква одлука. Но, оваа ситуација со таканаречена он-лајн настава покажа дека нашиот школски систем воопшто не е подготвен да се преориентира или да користи посовремени дигитални алатки. Се уште имаме стереотипни класични учебници, се уште имаме застарен модел на настава, а наставниците, или голем дел од нив, не владеат со современи методи на настава и оценување. Во изминатите години ниту ја сменивме филозофијата на образованието, ниту создадовме електронски образовни алатки, ниту пак, ги обучивме наставниците за нивно користење. Се надевам дека наставниците ќе направат напор дел од пропуштениот материјал да го надополнат на почетокот на наредната учебна година“, вели Атанасов.

Некои потези мораше да се повлечат, ова е виша сила, додава некогашниот заменик министер за образование.

Веројатно целата оваа состојба негативно ќе влијае врз децата. Не е лесно да се исфилтрира ова во детските глави. Но, на децата мислам дека најмногу им недостига дружбата и социјалниот живот, кој на таа возраст има големо значење врз нивниот развој. Но, ова е виша сила и некои потези мораше да се повлечат. И во многу други држави не дозволија враќање на училиште“, смета Атанасов.

Од друга страна, професорката по македонски јазик од гимназијата „Орце Николов“ во Скопје, Тамара Ќупева смета дека одлуката за неполагање на државна матура е правилен потег.

Вонредната состојба секако се одрази не само на квалитетот на наставата, туку и на целиот технички процес на подготовка на учениците за полагање на испитите од државната матура. Полагањето државна матура е сложен процес што опфаќа четири испити (и веќе завршената проектна задача) со наставен материјал од неколку учебни години. Во ваков контекст на емоционална и здравствена криза, полагањето дополнително ќе опфаќаше и техничка организација на училиштата и почитување соодветни здравствено – безбедносни протоколи, што во еден таков процес навистина ќе беше дополнителен стрес за матурантите. На овој начин, најмногу се заштитија матурантите, кои секако беа под исклучителен притисок и во крајна неизвесност“, ни истакна Ќупева.

Фото – Само прашај

Јорданчо Цветаноски

Поврзани новости