До крајот на работното време на судот обвинителите од Основното јавно обвинителство во Скопје поднесоа 21 жалба против одлуката на судот да се издвојат снимките од предметите за прислушувањето. Откако судијата на претходна постапка Славјанка Јанкоска донесе одлука со која тврди дека снимките се обезбедени на незаконит начин обвинителите очигледно не можат да се согласат со таквата констатација.
Ако се земе предвид дека има вкупно 27 предмети кои се однесуваат на прислушувањето, тогаш со бројката од 21 жалба се потврдува дека поголем дел од обвинителите се против обидот на судот пред нив да истрча со оценка за случајот. Ако пак се знае дека рокот за жалби истекува на полноќ тогаш е можно да стигнат жалби по сите предмети.
Иако нашите извори не откриваат детали од содржината на жалбите сепак извесно е дека обвинителите се спротивставуваат на судската одлука снимките да се издвојат како незаконски и да не се користат во иднина. Се открива дека се прават споредби со меѓународни пресуди, а се цитираат и конвенции за човекови права. Од утре судот ќе мора да ги извести адвокатите на засегнатите, во случајов високите функционери на власта, за тие да се изјаснат во однос на жалбите. Потоа Апелациониот суд ќе одлучува кој е во право- дали судот или обвинителството.
И да застане повисокоиот суд на страната на Основниот суд сепак таквата судска одлука нема да има влијание на евентуална понатаможна обвинителска истрага, уште помалку ако таа ја спроведува специјалниот обвинител. едноставно мора да се знае дека аудио снимките може да се третираат како „допрен глас“, а не како доказ. Но и такви се добра основа за истрага. Жалбите отвораат простор дека обвинителите нема толку лесно да се откажат од истрага, но за неколку дена ќе се знае дали тие се поднесени само како про форма или пак се суштински.