ЕКСКЛУЗИВНО ИНТЕРВЈУ СО МИЛО ЃУКАНОВИЌ: Додека Русија ја напаѓа Европа на Балканот, Брисел нема јасна стратегија за интеграција

by Фокус

Текстот е објавен на 15.02.2019 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1219

Најдолговечниот функционер во историјата на Црна Гора во своето ексклузивно интервју за „Фокус“ отворено предупредува дека опасно е ЕУ да го игнорира Западниот Балкан во услови кога над регионот се надвиснуваат последиците од геополитичките судири. Тој верува дека членството на Македонија во НАТО покрај тоа што ќе ја стабилизира земјата и ќе донесе економски бенефити, сериозно ќе придонесе за стабилизација на целиот регион. Ѓукановиќ е голем противник на старо новите идеи за размена на територии и население и ги предупредува лидерите од регионот дека во услови на изразена геополитичка стабилност Балканот многу лесно може да се врати во деведесеттите

Разговарал: Дејан АЗЕСКИ

Фотографија: Емил СУБОТИЌ

Во зградата на претседателството на Црна Гора на брегот на реката Морача во Подгорица не пречекаа соработници и професионалци од бројното обезбедување на Ѓукановиќ кои ни кажаа дека со него се 30 години без разлика на функцијата која ја извршувал. Неговата секретарка Драгица, вистинска дама по сите високи црногорски стандарди ни раскажа дека континуирано соработува со г. Ѓукановиќ уште од 1989 година кога тој е избран за секретар на Сојузот на комунистите на Црна Гора. Зградата, а особено кабинетот во кој бевме примени, почнувајќи од мебелот, па до целата атмосфера, особено сликата на последниот црногорски крал Никола Петровиќ, сериозно потсетува на кралски амбиент на некој двор. Самиот Ѓукановиќ се појави на интервјуто точно во минутата во која беше договорено и ни посвети цел час и половина, исполнети со многу отворен интензивен разговор.

ФОКУС: Како влезот на Црна Гора во НАТО влијаеше на политичката стабилност и економските прилики во земјата?

ЃУКАНОВИЌ: Влезот на Црна Гора во НАТО, е настан од историска важност за нашата земја. Тој е пресвртен момент во историјата на Црна Гора можеби еднакво важен како и обновувањето на независноста од 2008 година. Со влезот во НАТО ние покажавме дека знаеме за што служи обновата на независноста. Обновата на независноста и преземањето на кормилото на историјата во своите раце, послужи да ја вратиме Црна Гора во нејзиното логично цивилизациско опкружување или во европскиот систем на вредности. Црна Гора, заедно со другите балкански држави, за жал е предолго надвор од тој европски систем на вредности и на тие балкански беспатици. На овој начин, оваа генерација во Црна Гора покажа дека сака да ја врати земјата во современата европска цивилизација. Дел од таа работа веќе ја завршивме со членството во НАТО, верувам дека вториот дел ќе го завршиме со членството во Европската Унија, но би рекол дека над се тоа, стои нашата тврда решеност современото црногорско општество да почива на европскиот систем на вредности, на пазарната економија, на демократијата, на владеењето на правото, на почитувањето на човековите и малцинските права и тоа би рекол е од најкруцијално значење за Црна Гора денес. Дополнително како што претпоставувате, стигнаа и многу опипливи бенефити. Пред се, тоа се одрази на внатрешната и политичка и безбедносна стабилност на Црна Гора. Тоа придонесе за меѓународниот престиж на Црна Гора бидејќи стана дел од престижниот клуб на 29 земји, каде денес на Црна Гора се гледа како на партнер, а не како на земја која има сомнителна репутација бидејќи доаѓа од еден нестабилен регион. И трето, тоа секако придинесе за економијата на Црна Гора.

ФОКУС: Дали членството влијаеше на економскиот раст и за колку се зголеми бројот на странски инвестиции?

ЃУКАНОВИЌ: Токму во тој период, после влезот во НАТО, силно се забрза економскиот раст на Црна Гора. Веќе долго зборувавме дека сакаме Црна Гора да ја воведеме во еден среднорочен процес на економски раст помеѓу 4 и 5 отсто годишно. Во неколку наврати во претходниот период, доаѓавме на праг на тој раст, но за жал, имаше и многу амплитуди кои главно беа генерирани од глобалната економска криза. Она што е добро е што во последните неколку години ние сме во таа зона на економски раст и тоа е важно затоа што го скратуваме времето на достигнување на европскиот квалитет на живот. Ние би сакале граѓаните на Црна Гора, приказната за ЕУ да ја доживеат на начин за што побрзо обезбедување на европски квалитет на живот. Според тоа, ова е патот како тоа се направи и можам уште да ви потврдам дека во оваа фаза на развојот на нашата економија, директните странски инвестиции се многу важен фактор. Од обновата на независноста до денес тие беа многу високи во Црна Гора. Тие во принцип придонесуваа со 18 или 19 проценти од БДП годишно. Директните странски инвестиции се зголемија во последната година од влезот во НАТО, како што се зголеми и бројот на туристи. Особено бројот на туристи од НАТО земјите што сериозно придонесува на преструктуирањето на побарувачката за Црногорското приморје. Со тоа денес ние не зависиме ниту од еден пазар, туку имаме разнолика побарувачка.

ФОКУС: Дали постои можност вакви очекувања да имаме и за Македонија? Што ќе значи влезот на Македонија во НАТО за регионот?

ЃУКАНОВИЌ: Апсолутно сум сигурен во тоа и затоа бев голем заговорник за компромисот на релација Скопје-Атина до кој, за жал, се дојде после долго време. Сигурен сум дека тоа ќе значи не само деблокада на интеграциските токови за Македонија туку секоја нова членка на НАТО и секоја нова земја која преговара со ЕУ исто така ќе придонесе за развојот на регионот во целина. Тие интеграциски текови секако дополнително ја зацврстуваат стабилноста на нашиот регион, која, како што знаете, е ахиловата петица на просторот на кој живееме. Затоа сум целосно сигурен дека ова што се случи и на што многу се радувам – влезот на Македонија во НАТО ќе значи демократски и економски развој на земјата и дека исто така ќе се одрази и на целиот регион. Уште еднаш ќе нагласам дека многу се радувам што повторно Црна Гора и Македонија се во ист сојуз, особено како некој што е убеден дека заедничката иднина на овој регион е во Европа. Значи, се радувам на секој напредок кој било која земја од нашиот регион ќе го оствари на тој план, знаејќи дека ефектите на тој напредок на било која земја ќе се почувствуваат во сите овие држави заеднички.

ИДЕИТЕ ЗА МОНОЕТНИЧКИ ДРЖАВИ СЕ ФАТАЛНО ПОГРЕШНИ

ФОКУС: Дали Ве плашат новите најави за промена на границите и размена на територии и население меѓу Косово и Србија?

ЃУКАНОВИЌ: Тоа е нешто што сите нас не загрижува. Тоа е нешто за што секојдневно разговарам. Тоа е нешто за што сум разговарал и со двајцата свои колеги, претседателите на Србија и Косово, поради чии преговори се покрена оваа тема. Како некој кој е многу долго актер во политичките процеси во овој регион, во можност сум да правам споредба на ситуацијата во деведесеттите години и денешната ситуација. Некој кој тоа го гледа од страна може да рече дека тоа е сепак претерување и вишок внимателност и пренагласување на ризикот. Јас не мислам дека е така. Затоа што, ние во ова време по ова прашање се вративме на она лутање кое во деведесеттите не доведе до тоа што не доведе. Ќе ве потсетам дека во деведесеттите на дело беше обид за прекројување на границите внатре во екс Југославија, и тоа прекројување на границите кои всушност имаа етничка и верска инспирација за исто таква хомогенизација на балканските држави. После тоа, таа идеја доживеа крах, таа политика беше поразена, но за жал, цените беа драматични. Огромни човечки жртви и огромни материјални штети. Некако „Дејтонскиот договор“ беше пресвртница и почеток на враќањето на мирот во екс Југославија.

ФОКУС: Но тоа беше одамна, сега повторно се стравува за мирот.

ЃУКАНОВИЌ: Да, тоа беше во 1995 година. Денес сме 24 години подоцна. Денес, кога ќе погледнеме, не можеме да бидеме задоволни како сме ги искористиле тие 24 години. Бидејќи, за жал, тие три проблеми од 1995 година, преостанаа до ден денешен. И понатаму има проблем со функционалноста на Босна и понатаму има проблем на релација Белград-Приштина, до вчера Македонија беше блокирана во процесите на европските интеграции. Тоа долго траење на недовршените прашања на просторите на екс Југославија и тоа што се случи на глобалната сцена – сериозно влошување на односите, придонесе повторно да се актуелизираат погубните теми од деведесеттите. Како што можевте да видите, овие денови во домашната и меѓународната јавност се уште се живи дилемите дали на Балканот е можна мултиетничката демократија, дали е можен соживотот на разни вери и нации или излезот е во она што верувавме дека е поразено во 1990-тите години. Во етничка хомогенизација и прилагодување на границите на ова што се етнички карти на тој наш простор. И тоа, за жал, не враќа на преиспитување на ставовите дали идејата на Добрица Ќосиќ за хумано преселување на народите била исправна и дали е многу лесно отфрлена.

ФОКУС: Што мислите вие, реално ли е да се отворат тие теми?

ЃУКАНОВИЌ: Како некој кој непоколебливо верува во мултикултуралност и како некој кој верува дека на секој разумен човек не му е тешко да размислува исто како мене, апсолутно сум сигурен дека повторното отворање на овие дилеми би било фатално погрешно. Она што дополнително ме вознемирува во ова време, е што, за жал, се менува политиката во некои важни меѓународни центри по ова прашање. Кога во деведесеттите години би се појавила ваква идеја за некакви моноверски или моноетнички држави на Балканот или било каде, таа навистина би се сметала како надмината и плод на несериозен и неодговорен политички авантуризам кој треба што порано да се заборави. Како што гледате, денес тоа и не е баш така.

ФОКУС: Велите дека сте разговарале со двајцата колеги во Белград и Приштина за ова прашање. Што ви рекоа?

ЃУКАНОВИЌ: Разговарав, бидејќи верувам дека тие двајцата се многу искрени и многу одговорно посветени на тоа како да се надмине тој историски антагонизам помеѓу српското и албанското население. Јас знам дека тие сметаат и на оваа опасност и знам дека тие некаде имаат искрен оптимизам дека нивниот билатерален проблем може да се надмине. И никако не би сакал на било кој начин или со било кој став да ја осуетам и таа шанса која постои тој проблем да се надмине. Но, не мислам дека ова е прашање само на понатамошниот однос меѓу Србите и Албанците и не мислам дека ова е прашање на идниот концепт на Балканот. Ова е прашање на идниот концепт на Европа. Европа многу греши ако мисли дека верижните последици од непромисленото решение се однесуваат само на Балканот. Напротив, тие многу повеќе се однесуваат на целата Европа. Мораме да бидеме многу внимателни кон идеите кои бараат корекции на државните граници по етнички критериуми бидејќи се плашам дека тоа е влез во еден потполно непрегледен темен простор од кој подоцна како европска политика и цивилизација многу тешко ќе се извлечеме.

АДМИНИСТРАТИВЕН ПРИСТАП НА ЕУ КОН РЕГИОНОТ

ФОКУС: Дали се согласувате со непринципиелниот став на Европската Унија, земјите од Западен Балкан да имаат двојно повеќе критериуми за влез од тие што ги имаа Романија и Бугарија?

ЃУКАНОВИЌ: Невозможно е проблемот да се согледа во црнобела варијанта. Треба да се вратиме на времето по падот на Берлинскиот ѕид и еуфоријата која владееше во Европа за проширување на ЕУ и обединувањето на целиот континент. Јас навистина и понатаму верувам дека тоа е единствената исправна стратегија и мислам дека обединувањето на Европа е услов за нејзината стабилност и нејзината глобална конкурентност. Но Европа тогаш веројатно поведена од таа еуфорија и од други политички причини можеби беше склона да прогледа низ прсти. За жал, во тоа време ние на просторите на поранешна Југославија имавме други преокупации и го пропуштивме тоа време и ние да бидеме дел од тој интеграциски бран. Европа во меѓувреме го олади својот интеграциски ентузијазам и перманентно ги заоструваше критериумите. Така што, веројатно сте во право кога велите дека критериумите кои се наметнуваат за Западен Балкан се поостри отколку за било која членка која влегла во ЕУ. Сетете се на сите претходни процеси на проширување. Прашањата за владеењето на правото како најсложени прашања за земјите од централна и Југоисточна Европа се оставани за крај. Сега тоа се први прашања и први услови за да се отворат преговорите и преговорите задолжително со себе носат и клаузула на баланс која вели: кога и да затаите на прашањата од поглавјата 23 и 24 може да се сруши целиот процес.

ФОКУС: Што мислите дека треба да се направи за побрза интеграција на овие земји во ЕУ?

ЃУКАНОВИЌ: Овде е очигледно многу важно во политиката на Европската унија да се најде добар баланс, помеѓу она што е геостратегиски интерес и она што е административно-политичка неопходност. Значи, од тој кој сака да биде дел од ЕУ да барате својот систем и својата пракса да ги прилагоди на правилата на живот во обединета Европа. Сигурен сум дека ЕУ во претходниот период во однос на земјите од Западен Балкан не покажуваше дека нашла добар баланс. Многу често ми се чини, вклучително и денес, дека ЕУ и понатаму нема јасна стратегија за Балканот, дури и денес кога Балканот е така брутално нападнат од страна на други земји чии интереси и политика се во комплетен судир и конфронтација со европскиот систем на вредности. Да не кажам дека дел од тие држави, првенствено мислам на Русија, водат политика која не може поинаку да се квалификува освен како војна со ЕУ и обид за рушење на европскиот систем на вредности и идеите на ЕУ. Значи, денес кога дел од Европа е нападнат од таквата политика сметам дека одговорот на ЕУ треба да биде повеќе стратешко-геополитички отколку административен. А јас се плашам дека денес доминира административниот принцип со многу забележлив, во последно време, недостаток на внимание на ЕУ спрема Балканот поради презафатеност со сопствените проблеми. Се надевав дека со лансирањето на Берлинскиот процес е надминат еден дел од дефицитот на европската политика спрема Балканот и треба да се каже дека Берлинскиот процес навистина донесе еден нов квалитет и една интересна додадена вредност на европската политика кон Западен Балкан. Но морам да забележам и дека веќе некое време ние живееме во услови на значаен дефицит на внимание од ЕУ спрема нашите земји, а тоа е всушност дефицит на внимание кон нивната изворна идеја за обединета Европа.

ЗА РАЗВОЈ НЕ СЕ ПРЕСУДНИ ГОЛЕМИНАТА НА ЗЕМЈАТА И РЕСУРСИТЕ

ФОКУС: Црна Гора и пред влезот во НАТО направи економски бум преку привлекување странски инвестиции. Денес малото гратче Тиват има повеќе луксузни хотели од целиот хрватски брег. Како е тоа направено и која е тајната?

ЃУКАНОВИЌ: Нема тука ништо скриено. Јас мислам дека формулата е многу јасна, а во прашање е само способноста и спремноста на државната политика на било која земја, да направи чекори кои ќе привлечат странски инвестиции. Ако нешто можевме да научиме од искуствата на економскиот и демократскиот развој, тоа е дека големината на земјата тука не е пресудна. Многу долго верувавме дека ако не се пресудни големината на земјата и популацијата тогаш мора да е силата на ресурсите. Па со тоа објаснувавме зашто арапските земји се така економски напредни. Но искуствата на некои земји сериозно не опоменуваат. Видете го Сингапур, видете го Луксембург, тоа не се ни големи, ни бројни, ни земји богати со ресурси. Значи, за што се работи овде. За знаење и спремност на државата да креира таков институционален амбиент и да создаде такво чувство на сигурност, за инвеститорот да дојде и во таа земја и токму тука да се обиде да го оплоди својот капитал. Многу се трудевме дел од тоа во Црна Гора да примениме со сите тегоби кои со себе ги носи.

ФОКУС: Која беше најголемата пречка?

ЃУКАНОВИЌ: Најтешка тегоба е репутацијата на Балканот која силно го опоменува секој инвеститор. Втора потешкотија е самиот менталитет во Црна Гора кој не е формиран во духот на потребите на ова време, во духот на развојот на претприемништвото и бизнисот. Црногорците се луѓе кои низ историјата главно се раѓани и формирани да и служат на државата. Тоа била борба за гол опстанок и за одбрана на националното достоинство. Денес во оваа генерација темелно го менуваме системот на вредности и се обидуваме да го прилагодиме на Европа. Значи, се менува и она што низ историјата беше култ кон херојското гинење за Црна Гора. Ние сега се обедуваме тоа да го замениме со култ кон квалитетниот живот. Значи, за тој амбиент не ни е потребен само човек кој сака да работи во државна служба туку човек кој пред се ќе размислува како може да го развие својот бизнис и како ќе биде корисен во некој друг бизнис и на тој начин да придонесува за економијата на својата земја и за квалитетот на животот на своето семејство. Тоа се сериозни менталитетски промени. Така што, со сите тие потешкотии ние успеевме сериозно да ги анимираме странските инвеститори и како што знаете тука се реализирани инвестиции од различни страни на светот.

ФОКУС: Од каде имате најмногу инвестиции?

ЃУКАНОВИЌ: Успеавме да најдеме заеднички јазик и со Канаѓани и со Европјани но и со Арапи, од другата страна на светот. Успеавме да понудиме еден пакет кој е комбинација на сигурност и поволности и тоа се покажа како добитничка комбинација. Ќе ве потсетам дека многу одамна кај нас стапката на добивка беше најниска во Европа. И на таков начин успеавме да ги добиеме тие странски инвеститори кои беа навистина круцијално важни во претходната фаза на нашиот развој. Не само поради капиталот кој стигаше туку поради нивните нови стандарди. Можеби и ние самите можевме да го направиме Порто Монтенегро, но не сум сигурен дека денес ќе беше една од најпрестижните марини на Медитеранот. Значи, ни требаа нови стандарди вклучувајќи ги и новите стандарди на работење. Со сето тоа добивавме нови менаџерски вештини, нови шанси за младите луѓе во Црна Гора кои денес се интегрирани во тие проекти и кои веќе и сами можат да бидат промотори на тие идеи. Јас навистина верувам дека тоа беше добар пат. Како што знаете, тоа не беше едноставно. Имаше отпор и во самата власт не само меѓу оние кои до денес не се помирија дека Црна Гора има своја држава. Сетете се само на нашиот поранешен коалиционен партнер и неговите политики во парламентот кога некои значајни инвестиции од ОАР беа практично избркани од Црна Гора. Но сепак, мислам дека тоа беа само штети од сезонска природа кои успеавме да ги надминеме низ промените на политиката и создавање услови за странските инвеститори.

СЕ РАДУВАМ ШТО СЕ ФОРМИРАШЕ „ПОДГОРИЧКИОТ КЛУБ“

ФОКУС: Што друго е значајно за развојот на Црна Гора освен странските инвестиции?

ЃУКАНОВИЌ: Денес станавме свесни дека таа фаза од економскиот развој во кој странските инвестиции играа доминантна улога веројатно е надмината и тие сега ќе станат еднакво важни како и реализацијата на структурните реформи. Значи, ми се чини дека сега како економија сме некаде дојдени до ѕидот каде се потребни сериозни реформи во образованието, сериозни реформи во јавната администрација, сериозна реформа во социјалната заштита, бидејќи нашиот систем стана премалку стимулативен и нормално, реформа на системот за здравство. Јас мислам дека тие четири реформи сега се еднакво важни за идниот економски раст на Црна Гора како и странските инвестиции.

Морам објективно да кажам дека важен дел од инспирацијата во претходниот период на оваа тема ни даде Македонија. Македонија во еден период беше лидер меѓу сите наши земји во поглед на унапредувањето на бизнис климата. Сетете се на „Дуинг Бизнис“ извештаите каде се одаваше признание на многу силните реформи кои беа пример за сите нас во регионот. Внимателно следевме што правеше тогашната влада на Македонија и што правеше тогашното Министерство за финансии. Се консултиравме со нив, разменувавме мислења и секако, од тоа произлезе една здрава конкуренција. Црна Гора сакаше да биде подобра и во некои работи успеа но во некои не успеа. За жал, Македонија во еден период изгуби чекор поради она што се случуваше на политички план.

ФОКУС: Пред неколку дена во Подгорица се формираше т.н. Подгорички клуб на поранешни премиери и претседатели од земјите од Балканот. Може ли тој клуб да придонесе за поголема економска соработка и побрзи евроатлантски интеграции?

ЃУКАНОВИЌ: Многу се израдував и ја поздравив таа иницијатива. Пред се, се израдував на едно место да видам толку драги пријатели од Данило Тирк до Бранко Црвенковски, Лагунџија, Јадранка Косор, претседателите Кучан и Месиќ. Второ, претходно ја опишувавме извесната конфузија во која влегува регионот и кажавме дека таа конфузија за разлика од деведесеттите години сега е значајно генерирана од проблемите на глобален план. Деведесеттите години ние имавме конструктивна Европска унија, конструктивна Америка, па дури и конструктивна Русија. А денес тоа е малку поинаку. И тоа ја наметнува потребата да ја мобилизираме сета интелегенција од регионот без разлика дали е актуелно политичка или е експолитичка. Така што, тука навистина има многу паметни луѓе со многу употребливо искуство и со многу свежи идеи. И јас им кажав дека не се радувам само на тоа што се конституирани туку се надевам дека ќе бидат активни и дека со своите совети, идеи, нам на актуелните раководители ќе можат да ни бидат од сериозна корист особено околу развојот на понатамошната стратегија за интеграција на западниот Балкан. Заедничкото делување на Западниот Балкан е поактуелно од било кога. Ги знам јас сите наши историски несреќи, судири и неодговорни однесувања, се тоа го знам. Но верувам исто така дека во оваа генерација има доволно памет, се тоа од нашето минато критички да го согледаме, да кажеме каде сме грешеле и да си кажеме едни на други она што е нормално за нормалните луѓе. Но најважно е сега да знаеме што треба да направиме за заедничката иднина. Е, во тој контекст јас ја согледувам оваа иницијатива и верувам дека луѓето со тоа искуство и со тоа знаење треба да бидат корисни партнери на носителите на државната политика.

АТЕНТАТОТ БЕШЕ ОСМИСЛЕН ВО МОСКВА

ФОКУС: Во 2016 г. на денот на изборите имаше обид за атентат врз вас. Го откри ли заговорот вашето обвинителство или се остана на информациите и шпекулациите дека зад обидот за атентат стои т.н. српско-руско подземје?

ЃУКАНОВИЌ: Како што знаете, истрагата е завршена, обвинението е подигнато и судењето трае веќе година и половина. И тоа е веројатно едно од најкомплицираните и едно од најдолгите судења во нашата пракса. Би рекол дека многу актери во овој процес ги користат сите процедурални можности тој процес да го продолжат надевајќи се веројатно дека со секој следен ден ќе се појавува шанса потешко да се идентификува нивната одговорност за тоа што е направено. Јас не можам да ви зборувам за самиот судски процес и околу очекувањата од нивниот исход, но навистина верувам дека сега од она што го следам како граѓанин дека се приближуваме до крајот.

Она што го знам е дека тоа беше една навистина опасна завера, дека актерите на таа завера беа дел од опозиционите лидери на Црна Гора. Тоа се дел од лидерите кои се главно собрани во рамките на коалицијата Демократски фронт. Дека логистичката поддршка дојде од Србија. Дека таа логистика дојде од националистичките кругови во Србија кои се исто така поврзани со националистичките лидери во Црна Гора, но најважно, сите тие се потпираат на општа логистика од Москва. И се тоа ни дава многу причини за заклучок дека таа формула на промена на власта во Црна Гора преку насилен пат независно од резултатите од изборите, е осмислена и генерирана во Москва.

ФОКУС: Има ли докази за тоа?

ЃУКАНОВИЌ: Има бројни докази. Неброено пати лидерите на Демократскиот фронт одеа за Москва и тоа не беше ништо скриено. Некои од челните луѓе на официјалната руска политика официјално ги примаа луѓето на демократскиот фронт и не само што ги подржуваа и им ветуваа помош, туку и ја предупредуваа Црна Гора дека лошо ќе помине ако ја продолжи политиката на интеграција во НАТО. Тоа беше јасна порака дека изборите се можност да ја промените оваа власт. Бидејќи не веруваа дека граѓаните ќе ја променат оваа власт, очигледно се подготвувале тоа да го направат на насилен пат. Процесот е многу комплициран бидејќи многу луѓе не само од Србија и Русија туку и од други земји, на разни начини се ставале на услуга на оваа операција. Сепак, мислам дека тој процес се приближува до крајот и наскоро ќе може да ја видиме целата вистина. Независно од судскиот процес сметам дека тоа е сериозна и корисна опомена за современа Црна Гора. За жал, низ историјата многу често сме биле составен дел од југословенската интеграција или пред тој период под влијание на интересите на помоќните партнери. Едвај 12 години Црна Гора ја презеде одговорноста за својата иднина и во тие 12 години се соочи со бројни предизвици вклучувајќи го и овој. Мислам дека таа опомена навистина стигна навреме и мислам дека Црна Гора со ова искуство многу повнимателно и многу посовремено ќе биде во состојба да ги препознае опасностите и игрите кои и се наметнуваат во интерес на другите, а на нејзина штета.

ПОЛИТИКАТА НА РУСИЈА КОН БАЛКАНОТ Е ГЕНЕРИРАНА ГЛОБАЛНО

ФОКУС: Познат сте како политичар кој се залага за компромиси. Сепак. вашиот однос кон Русија од година во година е се поостар иако во минатото имавте блиски економски и политички односи. Слично е и со политиките на новата македонска влада. Дали искрено сметате дека иднината на Балканот е во конфронтации со Москва или има начин конечно да се смири топката?

ЃУКАНОВИЌ: Моето уверување е дека Москва, ни на Балканот, а особено во Црна Гора не настапува предводена од интересите на нејзината земја во нашиот регион. Моето уверување е дека денешната политика на Русија спрема нашиот регион е генерирана од проблемите на глобално ниво. Значи, јас мислам дека Русија ги одмерува своите сили со Европа и НАТО на оној простор кој им делува логично и им делува најинспиративно за одмерување на силите, а тоа е Балканот. Јас сум во тоа убеден. И затоа мислам дека нас сите насушно ни е потребна нормализација на односите на глобална сцена. Ние и да можеме да ги нормализираме односите билетарално, тоа секако не би било потполно, би било многу потешко и многу подолг пат. Верувам дека Европа и Русија треба да градат партнерство. Дури верувам и дека НАТО и Русија треба да градат партнерство. Јас не сум единствениот кој се сеќава на многу складните односи помеѓу НАТО и Русија низ институционалната форма на Советот НАТО – Русија.

ФОКУС: На кој начин да се подобрат односите?

ЃУКАНОВИЌ: Ние може да тргнеме од тоа дека денес нашите системи се различни, дека согласно тоа и нашите политички интереси се различни. Но не можеме да го занемариме фактот дека сме соседи. Значи, Европската унија и Русија се соседи а со соседите потребно е да се градат цивилизирани односи на соработка, а не да се гледаме преку нишан. Поради тоа, јас навистина мислам дека е многу важно и во интерес на едните и на другите да се бараат патишта за обнова на соработката, а не патишта на понатамошно заглавување во судири. Тоа и понатаму секако ќе биде многу благотворно за нас на Балканот. Што се однесува до Црна Гора, треба да се сме свесни за реалноста, ние не сме некој кој јастребовски ниту сам сака, ниту другите ги поттикнува на судир. Напротив, секогаш упатуваме вакви напомени, ајде да се обидеме да ја обновиме соработката но нормално и да покажеме одлучност во заштита на нашиот систем на вредности. Јас како Европјанин многу сум горд на европскиот систем на вредности и мислам дека сите заедно можеме да бидеме многу горди на она што го направи Европа после Втората светска војна и на она што се придобивки од Евроатлантскиот сојуз. Од тие придобивки не профитираа само Европа и Америка, профитираше целиот свет.

ФОКУС: Сметате дека тие придобивки се загрозени?

ЃУКАНОВИЌ: Денес ми делува просто фрапантно како во поединечни политики и изјави на многу одговорни луѓе со леснотија се однесуваме кон тоа наследство, како лесно го доведуваме во прашање, она што би рекол дека е највредна формула на нашиот економски напредок после Втората светска војна. Затоа сум апсолутно заговорник на целосно обединување на Европа со цел нејзина целосна конкурентност на глобална сцена но и зачувување на евроатлантскиот сојуз без разлика кој е моментално на власт во европските држави или во Америка, бидејќи властите се менуваат, а интересите остануваат трајни. И затоа сум за тоа со соседите да градиме односи на соработка и доверба, а не односи на постојан судир на раб на војна. И затоа можеби низ овој став говори моето искуство и моето внимание низ деведесеттите. Присуствував на еден мал простор каде што за наши услови големите лидери веруваа дека се држат под контрола. До еден момент, кога се се се отргна од контрола и тогаш настапи трагедија. Според тоа, никој од лидерите ни на малите, ни на големите држави не би смеел да има илузија, дека може долго да се оди на работ на жилетот. Дека долго може да се држи состојбата на висока испровоцираност, а тоа во некој момент да не излезе од контрола. Затоа мислам дека многу е потребна конструктивна иницијатива која ќе води кон соработка.

ЦРНА ГОРА ОДИ ПОБРЗО ОД РЕГИОНОТ И ВО ДЕМОКРАТИЈАТА

ФОКУС: Од вашите први денови во политиката и вашите активности во антибирократската револуција на Милошевиќ, преку сите овие години на власт, вие сте обвинувани за недостаток на демократија, за контрола на медиумите, судството и тоа се провлекува до ден денес со последниот меѓународен извештај кој ја оценува Црна Гора како делумно слободна земја. Кој е вашиот одговор на сите овие обвинувања?

ЃУКАНОВИЌ: Ми се чини дека тука има различни причини за една необјективно креирана слика. Две од нив се доминатни. Првиот е очекувањето на дел од меѓународната јавност дека можете преку ноќ на балканските простори да пренесете некој со децении и векови афирмиран модел на развој на демократијата која почива на слободата на мислење. Сакам да ви повторам нешто што е јасно од нашето вкупно интервју и од моето вкупно делување. Јас сум некој кој силно верува во демократските вредности. Некој кој не треба да се уверува колку слободата на медиумите како составен дел на слободата на мислењето е важна за развојот на демократијата. Но исто така секогаш опоменувам дека нема универзална форма на развојот на демократијата. Кога и да се направи обид за примена на универзалната формула, секогаш го добиваме она што го добивме после еуфоријата со Африканската пролет. Значи, јас мислам дека ние овде одиме со она темпо на развојот на демократијата кое е објективно возможно.

ФОКУС: Многумина сметаат дека тоа не е доволно.

ЃУКАНОВИЌ: Мислам дека во Црна Гора одиме и за една октава побрзо од тоа. И мислам дека тоа е причината што ние денес отскокнавме во процесот на интеграција т.е. усвојувањето на демократските правила во однос на другите земји од опкружувањето. Другите земји од Западниот Балкан повеќе останаа заробени во внатре политичките судири и како резултат на тоа повеќе од што е потребно го респектираа она менталитетско наследство на секое од нашите општества. Црна Гора одеше пред тоа. Моја логика никогаш не беше дека сум биран за да следам туку добив мандат да креирам нешто. А тоа што треба да се креира е секако различно од онаа историска заостанатост која ја наследивме. И како што знаете, мојот концепт е дека тоа треба да го надминеме со интеграција во Европа. Знам дека нема интеграции ако не усвојувате високи демократски стандарди, вклучувајќи ги и слободата на мислењето и слободата на медиумите. Тоа е едниот фактор. Кој има нереални очекувања дека сме на нивото на Британската демократија? Точно е дека не сме, ќе треба уште некој век, а не некоја година.

А вториот фактор е дека во тоа учење на демократијата има вистински кошмар во општествата како што се балканските. Дека има многу невладини организации кои се само преслечени или маскирани политички партии. Тие се отворени борци за власт, само што тоа го прават од позиција на невладина организација, за на тој начин легитимно да се финансираат што е само по себе нелегитимно. Имаме и такви медиуми. Кои секако би сакале сите свои слабости да ги прикријат и се занимаваат со таа дејност која е апсолутно заштитена.

ФОКУС: Имавте сериозни забелешки од Европа за слободата на медиумите?

ЃУКАНОВИЌ: Нема апсолутно право за било кој, а тоа да не значи повреда на правата на другата страна. Тоа беа моите предупредувања. И тие многу често на одредени европски адреси беа сфаќани како недоволно сензибилни спрема слободата на медиумите. Не. Јас мислам дека е тешко денес да се најде земја на Балканот во која медиумите во континуитет веќе неколку децении се критички настроени спрема власта и тоа го прават без никакви последици. Но истовремено, за своја обврска сметам дека мораме да предупредуваме и да воспоставуваме јасни правила во својата куќа. Значи, една работа работат партиите а друга работа има цивилниот сектор, медиумите треба да работат сосема трета работа и сите би требало да се придржуваме до највисоките стандарди кои ни се пропишани. И во ова мое залагање нема да ме поколеба никаква реакција од ниедна адреса.

ШТОМ ЗАВРШАТ ИЗБОРИТЕ, ПРОТИВ МЕНЕ ПОЧНУВААТ ДА КРЕИРААТ АФЕРИ

ФОКУС: Ова што деновиве се пласира од бизнисменот Кнежевиќ е налик на се што за вас се пласираше во јавноста од деведесеттите до денес. Почнувајќи од шверцот на цигари преку сите злоупотреби на државната власт за која сте обвинети. Која е вистината и кој е вашиот одговор на сите овие обвинувања, кои ги има поприлично многу?

ЃУКАНОВИЌ: Мислам дека дел од црногорската политичка и медиумска јавност е во долга состојба на сериозна фрустрација. Тие се обидуваат веќе 30 години да дојдат на власт и тоа не им оди од рака. И главната причина ја гледаат во политиката која ја персонифицирам и партијата која ја предводам. Повеќепати за тоа сум зборувал во јавноста и сум кажал дека како поранешен премиер, а сегашен претседател, тоа не ме радува. Ова го зборувам вистински, а не лицемерно. Пред се, како економист, знам дека од ниеден монопол долго не може добро да се живее. Секаде е многу важна конкуренцијата. Значи, како шеф на партијата многу би се радувал на поквалитетна конкуренција од онаа која денес ја имам. За жал, ние таа конкуренција ја немаме и наместо да работат на тоа да се унапредат себе, тие со време поради своите фрустрации се претворија во некој кој е опсесивно насочен против актуелната власт и против мене како персонификација на таа власт. Па така, тие и не се трудат да направат нешто на изборите. Туку, штом изборите завршат, почнуваат со креирање афери.

ФОКУС: Сепак, аферата за шверцот на цигари во 1990-тите не беше воопшто наивна.

ЃУКАНОВИЌ: Пред неколку дена завршена е приказната за шверцот на цигари во Италија. Четири црногорски државјани и еден државјанин на Србија се последниот пакет за кој одлучуваше италијанското правосудство и сите се ослободени од обвиненијата. Да ве потсетам, претходно во судскиот процес министерот за финансии во мојата влада е ослободен од обвинувањата. После тоа, како преседан во целото италијанско правосудство, по 15 години истрага против Станко Суботиќ, обвинителството на суд се откажа од своето обвинение. Сакам да ви кажам дека денес е јасно дека тоа беше монтажа. Денес е јасно дека тоа беше политичка конструкција која имаше политичка цел да ме компромитира мене и други луѓе кои беа во тоа движење за еманципација на Црна Гора и за обновување на нејзината независност. Сега имаме епилог во кој единствено не е јасно, кој ќе ни ги надомести 20 години од животот на секој од нас. Кој ќе ни ја надомести и политичката и животната штета. Веројатно никој не мисли дека тие 20 години живеевме онака како што би живееле без тие обвиненија. Бевме логично погодени од тоа. Логично осуетени од тоа да живееме нормален конфорен човечки живот. И како што гледате, заврши една афера, во меѓувреме се креира друга. Се сеќавате на приказната за „Молдавката“ која овде исто така беше инсталирана како инструмент на разни разузнувачки интереси. И сега се соочуваме со трета таква приказна.

ОБВИНУВАЊАТА ОД КНЕЖЕВИЌ СЕ ЧИСТА ИЗМИСЛИЦА

ФОКУС: Како ги коментирате најновите обвинувања од Кнежевиќ дека врз него се врши политички прогон?

ЃУКАНОВИЌ: Во актуелниот случај со Кнежевиќ, станува збор за еден човек губитник кој за жал со своето неумешно раководење ги доведе сите свои бизниси на раб на пропаст. Не беше доволно храбар и способен да го согледа својот проблем и да се обиде да го решава. Не сакал да види навреме што треба да се пресече за да се спаси здравото ткиво. Не, тој сакаше се да спаси и се удави во своите илузии. И за разлика од други, после се обиде да го брани тоа свое царство како кула од карти, да го брани со незаконитости и благодарение на тоа дојде на удар на обвинителството, а потоа сметаше дека е доволно важен од политичките центри на моќ да побара да го заштитат од неговата незаконитост.

ФОКУС: Од кого бараше помош?

ЃУКАНОВИЌ: Една од адресите на кои се обрати бев и јас. Му реков дека тоа не е реална идеја. И ако е нешто вистинито во неговата приказна тоа е дека го посоветував да си најде добар адвокат и да се соочи со одговорноста и да се обиде да се одбрани и да го докаже тоа што мене ми го тврдеше. Дека неговите бизниси се законити и дека специјалното обвинителство не ги разбира бидејќи нема доволно економска компетентност. Е наместо тоа, значи дополнително изреволтиран, сфаќајќи дека нема доволно политичка поддршка, тој се обиде својот проблем од економски и правен да го пресели на политички терен и да се претстави како жртва. Верувајќи дека тоа е стратегија на неговата заштита, верувајќи дека ќе може да избега во Британија со оглед на тоа дека користи и британски пасош и дека Британија таму ќе го заштити од потерницата на Интерпол за која веќе аплициравме како Црна Гора и очекуваме дека Интерпол ќе се однесува професионално и одговорно. Значи, ние денес присуствуваме на една канонада од најбрутални измислици. Затоа што, тој човек има потреба врз тие измислици да ја потпре својата конструкција дека тој е политички репресиран, а не неодговорен човек кој ги кршеше законите во Црна Гора.

ФОКУС: Како таа афера влијае врз Вашата лична но и репутацијата на Црна Гора во Европа?

ЃУКАНОВИЌ: Без оглед што ниедна афера не е пријатна и без оглед на тоа што некој ве провлекува низ своите гнасни содржини, јас сум до некаде задоволен. Бидејќи за разумен човек и за нашите одговорни партнери особено од меѓународната заедница, најважни се овие пораки кои вас ви ги кажав. Црна Гора не е држава која постапува во согласност со очекувањата на луѓето поради близината со некого да ги заштитите и да ги направите привилегирани во однос на некој друг. Црна Гора покажа дека нема привилегии и дека тука треба да се соочите со својата одговорност. Дека имате илузија оти можете да избегате, дека не можете да избегате, дека порано или подоцна овде или на друго место ќе се соочите со својата одговорност. И затоа, мислам дека ова е само продолжение на истата политичка приказна која треба да ја промени Црна Гора, не низ демократската изборна процедура туку преку предизвикување афери и инциденти. Потврда за тоа е фактот дека со оваа афера која беше лансирана од Кнежевиќ уште петтиот ден не управува тој. Со неа управуваат истите невладини медиумски центри во Црна Гора кои беа во првите борбени редови на сите поранешни афери. Тоа е всушност една од тие приказни и ќе заврши како и сите претходни.

Поврзани новости