Поранешниот украински претседател Петро Порошенко ја напушти Украина откако Државното истражно биро се обиде да му достави покана за сослушување за случајот со испораки на јаглен од дел на Донбас, кој не е под контрола на Киев.
Оваа информација, која претходно се појави во украинските медиуми, ја потврди и Европската партија за солидарност на Порошенко. Поранешниот претседател заминал во посета на Полска и Турција.
„Петро Порошенко замина во претходно планирана дипломатска посета на Турција и Полска“, се вели во соопштението објавено на Фејсбук страницата „Европска солидарност“.
Во сабота и недела, Порошенко ќе одржи серија состаноци во Турција, особено со цариградскиот патријарх Вартоломеј, соопшти партијата. Таа најави и дека Порошенко на 20-21 декември во Полска ќе учествува на меѓународна конференција за Русија-Украина-НАТО.
„Европска солидарност“ објави дека Порошенко и Вартоломеј се договориле да се сретнат за време на телефонскиот разговор на 15 декември. Според партијата, тие имаат намера да разговараат за прашања за понатамошно зајакнување и поддршка на неканонската православна црква на Украина, формирана со учество на Порошенко и Цариградскиот патријарх.
Партијата соопшти дека поранешниот претседател на Украина има намера да учествува на конференција во Полска на покана на Сенатот, горниот дом на полскиот парламент. „Европска солидарност“ додава дека Порошенко планира да оствари средби со претставници на политичките кругови во Полска, но не прецизира со кого.
Инспектори од Државното биро за истраги на Украина се обидоа на улица да му врачат покана на Порошенко за сослушување во случајот со помагање на тероризмот за организирање на снабдување со јаглен од неконтролираниот- од страна на Киев – дел на Донбас.
Врачувањето на поканата не било можно затоа што поранешниот шеф на државата не им обрнал внимание на истражителите. Овој случај се однесува на наводни нелегални испораки на јаглен од територии кои не се контролирани од Киев кон крајот на 2014 година – почетокот на 2015 година.
Според генералниот обвинител на Украина Ирина Венедиктов, износот што го потрошиле украинските државни претпријатија за купување јаглен е повеќе од 200 милиони гривни (околу 7,6 милиони долари).
Украинскиот весник Страна претходно објави дека Порошенко полетал од Киев синоќа со лет за Истанбул во 20:40 часот. Изданието тврди, повикувајќи се на извор од истрагата, дека Порошенко купил авионски билет за Истанбул во петокот во 19:13 часот, или околу 15 минути откако се појавиле информации дека обвинителството имало намера да го повика на распит во понеделник и да покрене обвинение против него.