Поранешната германска европратеничка Дорис Пак, во изјава за МИА вели дека францускиот претседател Емануел Макрон направил грешка со своето противење за почеток на преговорите со Северна Македонија и Албанија и дека на луѓето од Западен Балкан треба да им се понуди нешто конкретно за да тие се почувствуваат како европјани.
Дорис Пак, која важи за добар познавач на приликите на Балкнот, оценува дека француското не, поточно одлуката на францускиот претседател Емануел Макрон, била непромислена.
– Тоа беше непромислено не, тоа беше не од некој кој не го познава регионот. Не знам зошто г-динот Макрон го направи тоа. Секогаш велам дека тоа е како: „Јас сум кралот и тоа што го кажувам е вистината“. Но, со тоа тој остави можност други сили да дојдат во регионот, и тие се веќе тука. Тие се зад завесата, но тие се тука. Тоа се Русите, Кинезите, Ердоган… Тие не сакаат демократија таму, тие сакаат да заработуваат пари или да создаваат проблеми за Европската Унија. Таа одлука беше навистина глупава. За жал тој е претседател на голема земја и според мене тој веднаш сфати дека згреши со неговата одлука и поради тоа го направи документот со седумте точки за измена на постапката на преговорите, вели Дорис Пак.
Таа е против францускиот документ од седум точки и бара ново решение кое на граѓаните на земјите од Западен Балкан ќе им овозможи да се почувствуваат како европјани.
-Јас не сум за тој документ, бидејќи за секоја точка треба да се праша Советот и секогаш има некој кој е против. Затоа мислам дека треба да се најде некој друг инструмент, односно истовремено со преговорите на еден начин тие треба да влезат во економијата на ЕУ, како тоа што го имаме со економската заедница, во која на пример ја има Норвешка. Треба да се внесат луѓето, кои се разочарани кои страдаат, но со една таква одлука можеме да им покажеме што значи да се биде европјанин и да се биде со другите европјани. Затоа сметам дека треба да се најде начин, вели Пак.
Поранешната германска европратеничка, додава дека за ова ќе се зборува со ново избраната претседателка на Европската комисија.
–Ние ќе зборуваме со Урсула фон дер Лејен и одлучни сме да најдеме нова можност за да им се даде шанса на Северна Македонија и на Албанија. Правам разлика меѓу Северна Македонија и Албанија, бидејќи во Албанија политиката е катастрофална и треба да се направи многу. Поради тоа Бундестагот ја донесе својата одлука, посочува Дорис Пак.
Сепак, таа бара и политичарите од земјите од регионот да работат во интерес на своите граѓани.
-Останува уште многу да се направи, но луѓето во Албанија, Србија, исто како и во Северна Македонија имаат потреба од политика, која ги има како цел граѓаните и нивните интереси, а не нивните сопствени џебови, вели Дорис Пак во изјавата дадена за дописникот на МИА од Сразбур.