ЕК бара правни мерки за криминализација на родовото насилство

by Fokus

Во пресрет на меѓународниот ден на правата на жените на осми март, Европската комисија денеска ја презентираше својата нова стратегија за родова еднаквост, јави дописничката на МИА.

Родовата нееднаквост и натаму е преголема во Европската унија, третина од жените биле жртви на сексуално или физичко злоставување, додека на работното место и натаму заработуваат шестнаесет отсто помалку од мажите и потешко стигнуваат до високи позиции и покрај тоа што повеќе жени од мажи имаат универзитетска диплома.

Во овој контекст, Европската комисија денеска ја презентираше својата стратегија за намалување на родовата нееднаквост во ЕУ.

Од предложените мерки се издвојува предлогот за криминализација на насилството против жените во сите земји членки. ЕУ потсетува дека 33 отсто од жените биле жртва на насилство, а 55 отсто од нив биле жртва на сексуално вознемирување. Комисијата сака да ја прошири областа на признавање на насилството против жените како и колку е можно поголема законска хармонизација ширум ЕУ во овој поглед.

Понатаму, Комисијата денеска стартира со јавна консултација за транспарентност на платите за да се намали јазот помеѓу жените и мажите и планира до крајот на оваа година да предложи обврзувачки мерки за сите земји членки. Европската Унија треба и да го подобри нивото на баланс помеѓу приватниот и професионалниот живот, забележува ЕК.

Европската Комисија исто така сака да има поголем број на жени на раководни позиции во приватните и јавните претпријатија и ветува дека ќе постигне 50 отсто застапеност на жените на раководните позиции во самата Комисија до 2024.

-Дискриминацијата ги кошта оние лица кои страдаат, но го кошта многу и целото општество, преку недостаток на лично признание, недостаток на меритократија и губење таленти и иновации, со Стратегијата за родова еднаквост, ја ставаме родовата еднаквост во срцето на политиките на ЕУ, се стремиме кон тоа жените да не треба да надминуваат дополнителни пречки за да го постигнат тоа што им е дадено на мажите, изјави Хелена Дали, еврокомесарката за еднаквост.

Поврзани новости